И покрај царините, кинеските берзи пораснаа

На азиските берзи цените на акциите силно пораснаа, исто како вчера на Волстрит, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја одложи примената на дополнителни, реципрочни царини.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за повеќе од 4 отсто во 6:30 часот.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи скокна за повеќе од 8 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонг Конг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,9 и 5,4 отсто.

Така, азиските берзи го следат вчерашниот силен скок на Волстрит, каде индексот Dow Jones порасна за 7,9 отсто, додека S&P 500 скокна за 9,5 отсто, а Nasdaq индексот за 12,2 отсто.

Најголемиот дневен скок на индексот S&P 500 од светската финансиска криза во 2008 година следеше откако Трамп на социјалните мрежи објави дека привремено, за 90 дена, ќе ја одложи примената на реципрочните царини за сите земји, освен за Кина, на која дополнително ќе ги зголеми царините на вкупно 125 проценти.

Министерот за финансии Скот Бесент на прес-конференција објасни дека реципрочните царини ќе се одложат, а основната царина од 10 проценти ќе се плаќа за увоз на речиси сите стоки во САД.

Одложувањето нема да се однесува на претходно воведените секторски царини за автомобили, челик и алуминиум, како и за царините од 25 отсто за Канада и Мексико, а во наредните месеци Вашингтон ќе преговара со трговските партнери за нови услови за меѓусебна трговија.

Зголемувањето на царините за увоз на кинески стоки на вкупно 125 отсто е одговор, рече Трамп, на кинеското зголемување на царините за увоз на американски стоки на 84 отсто.

„Одложувањето на тарифите ги изненади инвеститорите, како што покажа силниот пораст на цените на акциите. Очигледно, апетитот за поризични инвестиции се зајакна по најавата на Трамп. Но, со оглед на тоа што тарифите остануваат на сила, сè уште е драматично зголемување на ефективната тарифна стапка во САД на речиси 20 проценти“, рече Џеф Шулце, стратег во ClearB.

Фото: Pixabay