И покрај низата западни санкции: Руските приходи од нафта и гас растат

Приходите од енергетските производи забележаа голем пораст во првите четири месеци од оваа година, најмногу поради растот на цената на нафтата, соопшти Министерството за финансии на Русија.
Приходите од извозот на нафта и гас скокнаа за 82,2 отсто во периодот јануари-април, во споредба со истиот период во 2023 година, достигнувајќи повеќе од 45,3 милијарди долари.

Во јануари, барел од водечката руска нафтена мешавина, Урал, чинеше во просек 60 долари, но оттогаш цените постојано растат, достигнувајќи ниво од 84 долари во април, додека во мај руската нафта се тргуваше околу 74 долари за барел.

Покрај растот на цената на нафтата, промената на законодавството доведе до тоа руските нафтени компании да платат дополнителен данок за експлоатација на минерални суровини за четвртиот квартал од 2023 година во февруари, што резултираше со дополнителни приходи во буџетот.

Овој данок варира во зависност од цената на нафтата и претставува најголем дел од приходите на владата од продажбата на нафта и гас.

Зголемувањето доаѓа и покрај серијата санкции наметнати на Русија од страна на САД, ЕУ и нивните сојузници откако Москва ја започна својата воена операција во Украина во 2022 година.

Ограничувањата вклучуваа ембарго на руската офшор нафта, заедно со горната цена од 60 долари за друга сурова нафта.

Како одговор, Русија го пренасочи најголемиот дел од извозот на нафта во Азија – особено Индија и Кина, кои преминаа на руска нафта.

Во 2023 година, Русија стана најголемиот снабдувач на нафта во Кина, со 19 отсто од увозот на нафта во Пекинг (2,1 милиони барели дневно). Москва стана и најголемиот извозник на нафта во Индија, пренесува RT Balkan.