И покрај санкциите, Европската унија увезуваше рекордни количини течен природен гас од Русија

Минатата година, и покрај санкциите, Европската унија увезе 15,5 милиони тони течен природен гас (LNG) од Русија, покажуваат податоците за движењето на бродовите анализирани од Блумберг.

Минатата година европските клиенти значително го зголемија купувањето на руски течен природен гас, особено од сибирската фабрика Џамал ​​ЛНГ, која е во сопственост на Новатек.

Ситуацијата покажува колку е тешко на Европа да ги прекине врските со Русија, која во последната деценија се етаблира како клучен снабдувач на суровини на континентот, додава њујоршката агенција.

Русија планира дополнително да го зголеми извозот на ЛНГ и во исто време да го пренасочи извозот на гас преку цевководи кон други купувачи како Кина.

„Ќе продолжиме да го зголемуваме нашиот удел на светските пазари за течен природен гас“, рече рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата годишна прес-конференција на 19 декември.

Русија настојува тројно да го зголеми вкупниот извоз на ЛНГ од минатогодишните 33 милиони тони на 100 милиони тони во 2035 година и покрај санкциите од Западот.

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, сака да го зголеми извозот на американски ЛНГ во Европа, па амбициите на Вашингтон и Москва наскоро би можеле да се судрат.