И Rivian дели откази

44

Производителот на електрични возила Rivian Automotive соопшти дека отпушта шест отсто од својата работна сила во обид да го зачува готовинскиот тек додека се подготвува за можна ценовна војна во индустријата.

Во писмото до вработените, извршниот директор Ар Џеј Скаринг рече дека подобрувањето на оперативната ефикасност на компанијата мора да биде нејзината „примарна цел“. Компанијата се фокусира на засилување на производството на своите камиони R1 и комбиња за испорака EDV што ги прави за Amazon, како и на развивање на својата платформа R2 за помали возила.

Како што пренесува Ројтерс, Скаринг нагласил дека намалувањето на работната сила нема да влијае на производниот погон во Илиноис.

Ривиан излезе на берза преку успешна иницијална јавна понуда кон крајот на 2021 година, собирајќи речиси 12 милијарди долари. Но, акциите на калифорнискиот производител на автомобили оттогаш изгубија речиси 90 отсто од нивната вредност, што ја натера компанијата да ги преиспита плановите за проширување додека работи на профитабилност.

Неодамнешните намалувања на цените на возилата од страна на Tesla и Ford доведоа до загриженост дека и други производители на автомобили може да бидат принудени да ги намалат цените на електричните возила во услови на растечка конкуренција на пазарот.