И следните две недели рампата на грчката граница останува затворена

55

Двете министерски одлуки што се однесуваат на привремено ограничување на копнените, морските и авионските поврзувања на земјата и на забраната за влез на државјани на трети земји, Грција ги продолжи до 12 октомври, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на копнените граници, ограничувањата, “од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија” се за временскиот период од први до 12-ти октомври 2020 година, а за туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен до 72 часа пред пристигнувањето.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест.

Овие гранични премини се отворени од седум часот наутро до 23 часот, а забраната не важи: за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и живеат во Грција, за влез на лица од апсолутно неопходни професионални или медицински причини за што ги имаат и потребните документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Втората министерска одлука се однесува на забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, со исклучок на постојаните жители на Австралија, Грузија, Канада, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Обединетите Арапски Емирати е на сила од денеска, а важи до 12-ти октомври 2020 година.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Станува збор за двете министерски одлуки, кои во изминатите месеци се продолжуваа на секои две седмици.

Последното продолжување беше за периодот од 16 до 30 септември 2020 година, а од денеска стапуваат во сила новите одлуки, кои синоќа беа објавени во Службен весник на Грција.

Фото: Pixabay