И ССМ и КСС ќе ја оценуваат администрацијата

14

salter Синдикални претставници ќе учествуваат во формирањето оценка на вработените опфатени со законите за администрација и за јавниот сектор, како и во дисциплинската постапка, а се намалува процентот во оценката за вработените од раководителот. Ова е договорено денеска во преговорите за законите за администрација и за вработените во јавниот сектор помеѓу министерот за информатичко општество и администрација и раководствата на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
“Во однос на оценката за вработените се намалува влијанието на раководителот од 75% на 65%, со што Синдикатот и комисијата што ќе оценува ќе влијаат со 35%. Таму каде нема синдикат останува опцијата петтиот член во комисијата да биде од редот на вработените”, изјави министерот Иво Ивановски.
Претставниците на ССМ и КСС од своја страна оценија дека преговорите за законите се успешни затоа што биле прифатени нивните најкрупни забелешки. Сметаат дека со предложените закони и нивните забелешки, процесот на вработување во администрацијата ќе биде транспарентен и ќе се зголеми ефикасноста во работењето на овој сектор.
Ивановски истакна дека со постигнатиот договор за учество на синдикални претставници во оценувањето и во дисциплинската постапка им се дава можност на синдикалните здруженија да работат уште повеќе и да бидат посилни. Договорен е и начинот на кој ќе се врши наградувањето за вработените кои ќе добијат оценка петка како најкреативни и најзаслужни. Ним ќе им биде исплатена една плата.
“За 5% од најниско оценетите во градацијата што ја направивме дополнителните отстапки се за оние кои незадоволуваат или делумно задоволуваат казната ако претходно беше со 30% до една година, сега се намалува на износ до 20% за шест месеци”, додаде Ивановски.
Виолетка Спасовска, вршител на должноста претседател на КСС истакна дека е постигната согласност за деловите од законите за кои имало најголеми реакции и стравувања од членството.
“Во делот на оценувањето се воведуваат пообјективни критериуми со оглед дека во постапката ќе бидат вклучени и самите вработени, односно ќе се оценуваат меѓу себе”, изјави Спасовска,
Според Живко Митровски, претседател на ССМ, преговорите за нивните забелешки се успешни затоа што најголемиот дел од укажаното е прифатено, а колективното договарање било ставено на највисоко ниво.
“Со прифаќањето на забелешките во делот на оценувањето постапката да биде транспарентна со учество на претставници од Синдикатот и на вработените и со намалувањето на процентот при оценката кој го даваше раководителот, како и со учеството на Синдикатот и во дисциплинската постапка, можеме да зборуваме за транспарентен процес без субјективни моменти”, оцени Митровски.