И Унгарија ги ограничи цените на горивото

164

Унгарската влада најави дека ќе ги ограничи цените на бензините и дизелот поради наглото поскапување на моторните горива.

Министерот Гергељ Гуљаш изјави дека ценовната граница од 480 форинти (1,50 американски долари) за литар гориво ќе стапи на сила во понеделник низ целата земја, што е под просечната цена во земјата од 506 форинти (1,59 американски долари) за бензин и 512 форинти (1,61 долари) за дизел, пренесува АП.

Ограничувањето ќе биде на сила три месеци, по што ќе се преиспита, рече Гуљаш. Тој додаде дека бензинските пумпи кои наплатуваат повеќе од утврдениот лимит може да бидат затворени.

Одлуката уследи откако цените на горивата скокнаа на речиси рекордно ниво во Европа и САД, поттикнати од инфлацијата, остриот пораст на цените на суровата нафта и зголемената побарувачка, поради посилната економска активност по големите опструкции предизвикани од пандемијата Ковид 19.

Просечните цени на бензините и на дизелот во Унгарија скокнаа за над 50 отсто по литар во однос на истиот период лани.