Иако не сте шеф може да бидете добар лидер

119

Секоја компанија има одредена систематизација на работните места, па по тој редослед се одредуваат лица на одговорни и извршни функции. Понекогаш не мора да бидете назначени за шеф, а да можете добро да се снајдете во улога на лидер.

Помагајте им на колегите

Тимскиот дух е многу важен за да може да се остварат целите и да се надминат предизвиците во текот на работата. Не мора да бидете шеф за да им помогнете на колегите, заеднички да ги споделите обврските за да можете полесно и побрзо да ја завршите работата

Прифатете критика

Прифаќањето добронамерна критика може само да ја зголеми вашата продуктивност и да ја покажете големината што ја имате. Доколку немате доблест да прифатите забелешка од колегите, во тој случај не се осудувајте да ги искритикувате ако направат нешто погрешно. Секоја критика што е поврзана за доброто на компанијата не треба да ја ставате при срце, туку да ја прифатите и да се потрудите во иднина да не се повторат истите грешки.

Признајте дека сте погрешиле

Воопшто не е срамота да признаете дека сте направиле грешка, тоа е доказ дека сте биле ангажирани. Но, ако истите грешки ги повторувате постојано, тоа веќе може да биде проблем. Затоа, не бидете горделиви кога ќе погрешите и не се обидувајте вината да ја префрлите на некој друг. Ако признаете дека сте погрешиле, се извините и продолжите напорно да работите, во очите на колегите ќе оставите впечаток на работник за пример.

Не бидете себични

Кога знаете некој трик за полесно совладување на задачите, тогаш не бидете себични, туку споделете го тоа со колегите за да им ја олесните работата. Секое споделено искуство или знаење со колегите само може да ви помогне да станете подобри во она што го работите и да не се плашите дека колегите ви работат нешто зад грб. Така ќе оставите простор, кога ќе имате потреба, да ја добиете неопходната поддршка од вашите колеги.

Фото: Pixabay