Фото: Pexels
“Независно од различностите што постојат во светот, почнувајќи со Универзалната декларација од 1948 год., човековите права се единственото меѓународно признато овластување што секој од нас го има едноставно бидејќи сме човечки суштества. Поради тоа, почитувањето на човековите права треба да биде главна цел… и во приватниот сектор.“
Професор Џон Реге (John Ruggie), Специјален претставник за бизнис и човекови права при Обединети нации, февруари 2006
Процесот на спроведување на due diligence по човекови права, за кој пишувавме во претходниот текст, опфаќа четири чекори и тоа:
- Идентификување и проценување на ризиците и влијанијата по човековите права;
- Интеграција: делување во согласност со резултатите од проценката на влијанија по човековите права:
- Следење на перформанси;
- Известување за ризиците и одлуките.
Овој текст го обработува првиот чекор во процесот на спроведување на due diligence по човекови права.
Од работилница организирана од Institute for Human Rights and Business, во која учествувале претставници на влади, граѓанско општество и разни бизниси, издвоени се неколку поенти кои сметаме дека се основа за ефикасно идентификување и проценување на влијанијата по човековите права:
- Целта на проценката на влијание е да ги намали негативните влијанија и да ги зголеми позитивните влијанија на една активност или проект во бизнисот.
- Проценката може да се спроведе пред да отпочне проектот како и во текот на неговото реализирање, но битно е процесот да биде континуиран.
На пример работниците кај подизведувачите на вашата компанија не носат заштитна опрема (ризик по човекови права), што го засега правото на работникот на безбедна работна средина, кое што право ќе биде повредено ако работникот биде повреден на работа. За многу компании прашањата поврзани со човековите права се појавуваат откако повредата е направена, затоа што компаниите пред да започнат да работат не ги анализираат потенцијалните влијанија на нивните активности по човековите права. Поради тоа, неопходно е компаниите проактивно да ги истражуваат влијанија по човековите права што тие може да ги причинат или пак да придонесат со нивните активности, или кои може да бидат директно поврзани со операциите, продуктите или услугите во нивните бизнис односи.
- Консултирање со засегнатите страни е неопходен стандард. Засегнатите страни треба грижливо да се идентификуваат, како оние коишто се директно засегнати со проектот или активноста, така и оние кои имаат интерес од тоа (на пример баратели на работа). Битно е компаниите да ги консултираат потребите и барањата на сите заинтересирани страни, особено ако заедницата е составена од различни групи со различни интереси. Нужно е да се имаат во предвид и различните ризици со кои се соочуваат мажи и жени. Во одредени случаи вклученост на засегнатите страни во процесот е невозможно, па се бараат дополнителни извори на информации како оние кои ги поседуваат невладините организации што добро го разбираат контекстот каде бизнисот работи.
- Проценката на влијание треба да се направи на транспарентен начин со цел да се зголеми нивото на одговорност на бизнисот и да се подобрат односите со заедницата.
- Од причина што човековите права се неделиви и меѓусебно зависни, потребно е да се анализираат сите човекови права. Одредени човекови права може да бидат од поголемо значење за одредена компанија. Но, за да истите се издвојат од остатокот на човековите права, потребно е тоа да биде поддржано со детална проценка на ризици и влијанија по конкретните човекови права.
- Бидејќи проценката на влијанија и ризици по човекови права е комплексен и сложен процес кој често бара ангажман од надворешна експертиза, посветеноста и поддршката од компаниите, особено од високиот менаџмент, се неопходни.
- Различни оддели и функции во компанијата се вклучени во овој процес, а според прирачникот How to do Business with Respect for Human Rights‘ се посочуваат следниве:
– Одделот за Корпоративна општествена одговорност, кој дава експертиза по човекови права или ангажира надворешни соработници и го води процесот на проценка на влијанијата по човековите права;
– Менаџирање со ризици, кој ги интегрира човековите права во главниот процес на управување со ризици;
– Оддел за односи со заинтересирани страни/заедница, кој комуницира со надворешни заинтересирани лица кога е потребна консултација со соседи, заедници и сл.;
– Функции што се особено изложени на влијанија по човекови права кои се вклучуваат во евалуација и приоритизирање на активности (на пр. безбедност, управување на човекови ресурси, управување со ланец на добавувачи).
Следниот текст ќе го обработува вториот чекор во процесот на спроведување на due diligence по човекови права и тоа интеграција, односно делување во согласност со резултатите од проценката на влијанија по човековите права. Текстов го завршуваме со повик до Вас повторно да го прочитате цитатот на Џон Реге, кој се надеваме ќе Ве инспирира.
Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje