Иднината на работните места – главен фокус на четвртото издание на Форумот на добри компании

71

Иднината на работните места, но, и што донесе пандемијата за бизнисот, како се одрази врз работникот и какво е нејзиното влијание во трансформацијата на работните места.

Ова е главниот фокус на четвртото издание на Форумот на добри компании,  кое годинава ќе се случува преку онлајн платформата „Зум“, на 15 и 16 април во Скопје, (од 10 до 14 часот).

Настанот, кој е од регионален карактер, ќе понуди холистички поглед кон можната трансформативна промена на интерсекцијата – бизнис / институции / граѓанско општество.

Меѓу главните гости говорници ќе бидат менаџери на компаниите Декатлон и ИКЕА, но, и истражувачи од Европа, со цел да се фрли светло на опциите преку кои бизнисот може да ја зголеми продуктивноста, компетитивноста, а, во исто време, да направи и промена во општеството.

Лидерот за иновации во Декатлон Јунајтед, Чарли Фелгејт, своите искуства и визии за иновациите и бизнисот, ги сподели и пред една година, со почетокот на пандемијата – за изданието на Лице в лице, посветено на улогата на социјалната економија во кокреирањето на новиот систем и на иднината.
На претстојниот Форум,  пак, Фелгејт ќе се осврне на пристапот во создавање нови деловни модели, неопходни на економијата после Ковид  19, но, со акцент и на позицијата на највредниот ресурс, луѓето.

Тој верува дека компаниите може да се променат ако луѓето сакаат да се променат. Односно дека е неопходно да се создаде дијалог и емпатија со екосистемот. А за нив, тој екосистем, се и купувачите и вработените.

Говорник на овогодишното издание на Форумот ќе биде и Ан-Софи Гунарсон од ИКЕА, Иницијатива за социјални претпријатија, Шведска. Таа ќе се осврне на природата на работа на социјалните претпријатија, кои, според неа,  размислуваат долгорочно, а не како да го зголемат профитот на нивните сопственици.

На Форумот ќе се отвори и прашањето како социјалното менторство – нетрадиционална иновација инспирирана од социјалните аномалии, се вклопува во иднината на работните места и во одржливиот економски пораст.

Соочени со еколошките предизвици и со неверојатните разлики во распределба на богатството, сите посакуваме да ја видиме светската економија во едно друго светло, вели Небојша Илијевски, контент директор на Форумот на добри компании.

“Светло во кое новиот мајндсет на бизнисите и на другите групи од интерес, како политичките, на пример, ќе сугерираат начин на оперирање што ќе ги адресира постоечките и ќе превенира создавање дополнителни проблеми во светот. Нo, неинтуитивна е промената која е неопходна за светската економија да го заземе овој, нов курс на делување. Во основата на оваа промена не е технологијата, како што би можеле да очекуваме. Напротив, во основата на потребната промена е проманата на индивидуално ниво. Промена на местото од кое сите ние, но, особено донесувачите на одлуки, во пред сѐ деловниот и институционалниот сетап, оперираат“, вели Илијевски.

Настанот Форум на добри компании го организира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, Паблик, во партнерство со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ – www.giz.de). За прв пат е инициран 2016 година како настан кој на едно место ги обединува  компаниите, институциите и граѓанскиот сектор, главните засегнати страни за креирање позитивна општествена промена.

Учеството на Форумот е бесплатно.
Линк за регистрација: http://bit.ly/2OVKYyQ

Фото: Pixabay