ИЕА: Глобалниот капацитет за обновлива енергија лани зголемен за 50 отсто

32

Минатата година светот го зголеми капацитетот за производство на енергија од обновливи извори за 50 отсто на речиси 510 гигавати, објави денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Сончевите електрани сочинуваат третина од новите производствени капацитети.
Според податоците на ИЕА, најголем раст на ваквите капацитети минатата година е забележан во Кина. Во оваа земја во 2023 година беа изградени толку нови соларни централи како и претходната година, во целиот свет, пренесува француската новинска агенција АФП.

Според извештајот на ИЕА, рекорден раст на капацитетот за производство на енергија од обновливи извори е забележан и во Европа, САД и Бразил минатата година.
Бројките покажуваат дека глобалниот капацитет ќе се зголеми за 2,5 пати до 2030 година под сегашните политики и пазарни услови, изјави извршниот директор на агенцијата Фатих Бирол.

Според него, тоа сè уште не е доволно за да се постигнат целите на климатската конференција COP28, која се одржа во Дубаи на крајот на минатата година. За тоа владите ќе треба да преземат дополнителни мерки, посочи тој.

Тој, исто така, истакна дека во повеќето земји копнените фарми со ветерници и соларните фарми сега се поевтини од новите и постоечките електрани на фосилни горива.

Меѓу најголемите предизвици го спомена финансирањето на овие капацитети во земјите во развој. Тој е убеден дека од ова ќе зависи исполнувањето на целите на COP28.