
Меѓународната агенција за енергетика благо ја зголеми својата проекција за раст на побарувачката на нафта во 2025 година на 1,1 милиони барели дневно во својот месечен извештај во февруари, бидејќи очекува растот на побарувачката во Кина да биде значително помал отколку во минатото.
Минатиот месец, ИЕА предвиде дека глобалната побарувачка на нафта ќе се зголеми за 1,05 милиони барели дневно.
Темпото на раст на кинеската побарувачка на нафта е значително побавно во однос на претходниот период и речиси целосно доаѓа од петрохемискиот сектор на оваа азиска земја, наведува агенцијата со седиште во Париз.
Уделот на Кина во растот на глобалната побарувачка на нафта падна на 19 отсто, што е значително под 60 отсто во претходната деценија, соопшти ИЕА, пренесува Танјуг.
Агенцијата смета дека е „сè уште прерано“ да се процени влијанието на потенцијалните американски трговски тарифи или можните санкции врз енергетските сектори на Русија и Иран.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) завчера ја задржа својата прогноза за раст на глобалната побарувачка на нафта во 2025 година на 1,45 милиони барели на ден (bpd) и на 1,43 милиони барели дневно во 2026 година во својот месечен извештај во февруари.
ОПЕК верува дека патниот и воздушниот транспорт ќе ја зголемат потрошувачката на нафта и не очекува потенцијалните трговски царини да влијаат на глобалниот економски раст, пишува Ројтерс.