
Оваа година, според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), потрошувачката на јаглен се зголемила за 1,4 отсто на рекордни 8,5 милијарди тони, главно поради поголемата потрошувачка во Кина, Индија и Индонезија. По рекордна година, побарувачката за јаглен се очекува да почне да се намалува следната година.
Најновата прогноза на ИЕА доаѓа неколку дена откако речиси 200 земји на конференцијата на ОН за климата усвоија договор со кој се повикува на напуштање на употребата на фосилни горива.
Јагленот е најголемиот енергетски извор на емисии на јаглерод диоксид, кој заедно со другите стакленички гасови е одговорен за глобалното затоплување.
Научниците предупредуваат дека планетата веќе се загреала за 1,2 степени Целзиусови во однос на прединдустриските нивоа и очекуваат 2023 година да биде најтоплата година досега. Парискиот договор од 2015 година предвидува ограничување на затоплувањето на атмосферата на 1,5 степени Целзиусови.
Според ИЕА, потрошувачката само во Кина ќе се зголеми за 220 милиони тони или 4,9 отсто во 2023 година, во Индија за осум отсто, а во Индонезија за 11 отсто.
Од друга страна, потрошувачката на јаглен во Европа е намалена за 23 отсто или за 107 милиони тони, додека во САД е намалена за 95 милиони тони или за 21 отсто.











