ИЕА: Растот на побарувачката на нафта е најбавен од 2020 година

9

Растот на побарувачката на нафта значително забави во првата половина од годината и беше најбавен од 2020 година, објави денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Во првите шест месеци од годинава побарувачката на нафта порасна за 800.000 барели по 159 литри дневно, наспроти 2,3 милиони барели дневно во истиот период лани.

ИЕА главната причина за ваквото изразено забавување на растот на побарувачката на нафта ја гледа во забавувањето на кинеската економија. „Главниот двигател на овој пад е брзото забавување во Кина, каде потрошувачката во јули падна четврти месец по ред на годишно ниво“, пишува агенцијата со седиште во Париз.

Кина е еден од најголемите светски потрошувачи и увозници на нафта, но втората по големина економија во светот има проблеми поради слабата потрошувачка на населението, кризата во секторот на недвижности и високата невработеност.

ИЕА го спомена и фактот дека Кина посветува сè повеќе внимание на алтернативните извори на енергија, резимира извештајот на француската новинска агенција АФП.

Продажбата на електрични возила расте во Кина, намалувајќи ја побарувачката за гориво за патишта, додека развојот на обемна железничка мрежа со голема брзина го ограничува растот на домашниот воздушен сообраќај, соопшти агенцијата.

Надвор од Кина, побарувачката за нафта е „во најдобар случај млака“, проценува ИЕА.

За цела оваа година се очекува глобалната побарувачка на нафта да се зголеми во просек за 900.000 барели од 159 литри дневно, што е за околу 70.000 барели помалку од последната проценка. Се очекува вкупната побарувачка за нафта да достигне речиси 103 милиони барели дневно.

Падот на цените ги поттикна водечките членки на проширената група на производители на нафта ОПЕК +, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Русија, да го продолжат тековното договорено намалување на производството на нафта до крајот на ноември.