iEconomist

24

kafe

Фото: Pexels

Колумната што ќе ја читате е за тоа како економистите го гледаат светот. Всушност, можеби покрај вас седи токму економист кој можеби и не го забележувате. Нормален човек гледајќи го економистот не забележува ништо значајно, но нормалниот човек во очите на економистот му изгледа многу значајно. Што е тоа што економистот го гледа? Што може да ви каже доколку сакате да го прашате? И зошто би сакале да прашате?

Можеби мислите дека уживате во капучиното, но, економистот ве гледа вас и капучиното како актери во интригантна игра на сигнали и преговори, на натпревар на сила и битка на умови. Играта е со големи влогови. Некои од луѓето кои работат за да го добиете кафето пред вас заработуваат многу пари, а некои од нив заработуваат многу малку. Економистот може да ви каже кој ќе земе што, како и зошто. Мојата желба е и вие по некое време читајќи ги колумните да можете да ги гледате истите работи.

Вашето кафе е интриганто за економистот заради друга причина. Не знае како да го направи капучиното, но знае и дека никој друг не знае. Кој може да се пофали дека знае да одгледа, да одбере, да испече, да направи мешавина на кафе, да одгледа крава, да измолзе крава, да излее железо, да моделира пластика, да ги вкалупи во машина за кафе и на крај, да ја обликува керамиката во убава шолја. Вашето капучино го рефлектира резултатот на системот на неверојатна сложеност. Не постои човек на светот кој може сам да произведе се што е потребно за да се направи капучино.

Економистот знае дека капучиното е производ на неверојатен напор на тимот, каде што никој не е на негово чело. Така, советската власт обидувајќи се да го разбере западниот систем го поставувала прашањето за тоа кој е одговорен за понудата на леб во Лондон. Прашањето е комично, но одговорот „никој“ е застрашувачки.

Кога економистот ќе го тргне вниманието од вашето кафе и ќе ја погледне, на пример книжарницата, ќе ги согледа уште поголемите организациски предизвици. Не е лесно да се опише комплексноста на системот. Размислите на вековно акумулираниот дизајн и развој, на хартијата на која се печатат книгите, на сијалиците што ги осветлуваат полиците, на софтверот за следење на книгите, да не ги споменувам секојдневните чуда на организација со која книгите се печатат, се спојуваат, се зачувуваат, се испорачуваат, се распоредуваат и се продаваат.

Системот функционира неверојатно добро. Кога ќе купите книга ја купувате во моментот без да побарате од книжарницата да ја порачаат за вас. Најверојатно, утрото кога излеговте од дома не ни знаевте дека ќе ја купите. Сепак, како со некоја магија, десетици луѓе преземаа потребни акции за да ја исполната вашата непредвидлива желба. Писателот, уредниците, лекторите, трговците, печатарите, производителите на хартија, добавувачите на мастило и многу други. Економистот може да објасни како таков систем работи, како компаниите ќе се обидат да го искористат тој систем и она што клиентот може да го направи за да го возврати ударот.

Економистот гледа низ прозорецот надвор во сообраќајниот метеж. За некои луѓе метежот е само иритирачки факт на животот. За економистот постои приказна за раскажување за контрастот помеѓу хаосот на соообраќајот и непреченото водење на книжарницата. Можеме нешто да научиме од книжарницата што ќе ни помогне да го избегнеме сообраќајниот метеж.

Додека економистите константно мислат за работите што се случуваат околу нив, не се лимитираат да разговараат за локани работи. Ако сакате да разговарате со еден од нив може да зборувате за разликите помеѓу книжарниците во развиениот свет и библиотеките во Камерун кои што имаат желни читатели, но, немаат книги. Можете да истакнете дека јазот помеѓу најбогатите и најсиромашните земји е голем и застрашувачки. Економистот ќе го сподели вашето чувство на неправда, но, исто така, може да ви каже зошто богатите земји се богати, а сиромашните сиромашни и што може да се направи за тоа.

Можеби изгледа дека економист знае се, но, тој ја рефлектира големата амбиција на економистите да ги разберат луѓето. Луѓето како индивидуалци, како партнери, како натпреварувачи и како припадници на големите општествени системи што ги нарекуваме „економии“.

Оваа широчина на интерес се одразува во еклектичниот вкус на комитетот за Нобелова награда. Од 1990 Нобеловата награда за Економија само понекогаш е доделена за достигнувања во типично „економски“ работи како што е теоријата на девизни курсеви или на бизнис циклуси. Многу почесто наградите биле доделени за работи што се помалку поврзани со она што можеби вие мислите дека е економија, како на пример човечки развој, психологија, историја, право на глас, право, дури и за езотерични откритија, како што е зошто не можеш да купиш пристоен автомобил на старо.

Мојата цел со оваа колумна е да ви помогнам да го гледате светот како економист. Нема да ви кажам ништо за девизните курсеви или за бизнис циклусите, но ќе ви ја разрешам мистеријата за автомобилите на старо. Ќе зборуваме за големи прашања како што е на пример, како Кина успева милион луѓе месечно да ги извлече од сиромаштијата, но и за мали, како што е како да го избегнете плаќањето на премногу пари во супермаркетите. Тоа е детективска работа, но јас ќе ве научам како да ги употребувате алатките на економистот. Се надевам даке на крај од серијалот ќе бидете попаметен купувач и уште попаметен гласач, кој ќе може да ја согледа вистината позади секоја приказна која политичарите се трудат да ви ја раскажат. Секојдневниот живот е полн со загатки за кои многумина и не сфаќаат дека се загатки. И покрај се, се надевам дека ќе можете да ја видите забавата зад овие секојдневни тајни. Па да започнеме со познат терен, кој плаќа за вашето кафе?