ИФЦ: Нови 600 милиони работни места до 2020, главно во земјите во развој

14

global-connectionВработувањето во земјите во развој може да се забрза доколку креаторите на политиките и развојните институции како приоритетна цел си го постават отстранувањето на клучните пречки за растот со коишто се соочува приватниот сектор, покажува новата студија на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ).

Според истражувањето Оценка на придонесот на приватниот сектор кон создавањето нови работни места, лошата клима за инвестирање, несоодветната инфраструктура, ограничениот пристап до финансирање за микро, мали и за средни претпријатија, како и ограничената обука и квалификации се четирите пречки со коишто особено се судира приватниот сектор при обидот да создаде нови работни места.

Нивното елиминирање може значително да придонесе во креирањето нови вработувања.

“Невработеноста е глобална криза, особено ургентна во најсиромашните земји. Како најголема светска развојна институција сконцентрирана на приватниот сектор, нашето верување е дека најсигурниот пат за излез од сиромаштијата го обезбедува создавањето нови работни места. Неговата промоција во земјите во развој за нас е врвен приоритет”, рече Жинјонг Каи, извршен потпретседател на ИФЦ и генерален директор.

Истражувањето вели дека микро, малите и средните претпријатија (ММСП) го создаваат најголемиот број работни места во земјите во развој, но тие се и помалку продуктивни, даваат помали плати и не нудат доволно обука и можности за унапредување на своите вработени. Помалите фирми често се и најпогодени од пречките за создавање нови работни места, што значи дека не се во состојба да го достигнат својот полн потенцијал.

Како што проценува Светската банка, за да се биде во чекор со порастот на населението, до 2020 година мора да се создадат 600 милиони нови работни места, главно во земјите во развој. Решението за тоа се наоѓа кај приватниот сектор, кој обезбедува девет од секои десет работни места.

Истражувањето е направено врз искуствата добиени од повеќе од 45.000 деловни субјекти во над 100 земји, како и врз макро и микростудии на примери од практиката спроведени во Јужна Азија, во Африка и на Блискиот Исток.