
Тарифната војна на американскиот претседател Доналд Трамп може да предизвика глобална економска криза, предупреди Клеменс Фист, претседател на влијателниот економски институт Ифо.
Тарифната војна може да доведе до забрзано ширење на протекционизмот, и во Кина и во Европа, изјави Фист за Зидојче Цајтунг. „Кога сите одат во погрешна насока, можна е голема криза“, додаде економистот, пренесе агенцијата ДПА.
Трамп го суспендираше воведувањето нови царински стапки за повеќето трговски партнери на 90 дена, но затоа уште повеќе ја заостри контролата врз Пекинг. Американците сега сакаат да воведат царини за кинескиот увоз со стапка од 145 отсто, а Кина одговори со зголемување на царината за американскиот увоз на 125 отсто.
Фист оценува дека ескалацијата со Кина продолжува и затоа „ништо не е надвор од маса“, како и дека неизвесноста е пролонгирана.
Според него, посебна закана е тоа што САД, како најголем пазар во светот, ја уништуваат својата репутација на доверлив партнер. „Каматните стапки на САД се зголемуваат, а доларот паѓа“, рече тој. „Тоа е повик за будење.
Имено, две третини од берзанската капитализација се врти околу американската берза, а доларот е сидро на глобалната валута. „Ако сето ова се измеша, последиците ќе бидат несогледливи.
Фист оценува дека е можно Трамп да попуштил поради реакцијата на американскиот пазар на државни обврзници и дека пазарот ги покажал своите мускули да ги сигнализира границите на политиката.
„Кога владите се однесуваат непредвидливо и деструктивно, пазарот им одзема пари и доверба“, заклучува Фист.











