ИФО: Светската економија ќе порасне за 2,6 отсто во 2024 година, европската за 1,9 отсто

Светската економија ќе порасне за 2,6 отсто во 2024 година, а европската за поскромни 1,9 отсто, покажуваат резултатите од кварталното истражување на економските експерти.

Истражувањето го спроведоа Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен и Швајцарскиот институт за економска политика.

Во Европа очекувањата се доста хетерогени, бидејќи се прогнозира дека економијата на Велика Британија ќе порасне за 0,5 отсто, германската за 0,6 отсто.

Експертите ширум светот генерално веруваат дека политичката стабилност е подобрена во споредба со претходниот квартал и покрај конфликтите на Блискиот Исток, со исклучок на Северна Америка и Западна Европа, кои известуваат за помала стабилност и поголемо незадоволство од работата на нивните влади.

Многу големи европски економии, како Германија, Велика Британија и Холандија, очекуваат да се соочат со уште поголеми изгледи за рецесија, пред сè поради геополитичките турбуленции и зголемувањето на цените на енергијата.

Според експертите, глобалниот економски раст ќе се забрза до 2,9 отсто во 2025 година и до 3,3 отсто во 2027 година.

Истражувањето е спроведено од 7 до 21 декември 2023 година, а во него учествувале 1.431 економски експерт од 124 земји.