Игротеките ги отворат вратите за прослави на детските родендени

30

Групацијата на забавни, рекреативни и едукативни дејности во рамки на Услужната комора при Сојуз на стопански комори на Македонија го поздрави носењето на протоколите за отворање и работа на игротеките кое значи и нивно повторно отпочнување со работа. Воедно ја информира јавноста дека со целосно почитување на протоколите, игротеките се подготвени да овозможат безбеден и сигурен престој на децата.

Протоколите изготвени од Комисијата за заразни болести содржат над триесет мерки и активности со чие почитување и имплементирање во пракса ќе се спречи ширење за заразни заболувања. Вработените во игротеките, родителите и децата ќе ги почитуваат протоколите, просторите и предметите редовно ќе се дезинфицираат и проветруваат.

“Групацијата на игротеки при ССК ги известува родителите и дечињата дека согласно протоколите подготвени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, а прифатени од Владата, по седуммесечна пауза се овозможува игротеките да ги отворат своите врати за прослава на детските родендени. Конечно родендените ќе може да се слават во безбеден, сигурен и дезинфициран простор. Многу подобро за сите нас е дејноста да продолжи и да се одвива во чиста средина, во контролирани услови со почитување на протоколите и преземање на ригорозни мерките за заштита на личното како и на колективното здравје. Затоа повелете резервирајте термин во вашата омилена игротека, да продолжи детската радост за нивниот најважен ден“, вели Трајко Николовски, претседател на Групацијата за забавни, рекреативни и едукативни дејности.

Игротеките и едукативните центри беа затворени со владина уредба пред седум месеци и се меѓу последните дејности за кои се дефинираат правилата за отворање и работа. Во изминатиот период прославите на детски родендени се организираа, во небезбедни неконтролирани услови без работа на игротеките, што со носењето на протоколите се очекува да се надмине.

Фото: Pixabay