Најголемиот светски производител на мебел Ikea, на крајот на август го отвори својот центар во Хрватска, за 2016 година најавуваат отворање на пет продавници во Србија, а очекуваната вредност на вкупната инвестиција е 300 милиони евра.
Интересот за овој шведски бренд и за БиХ е особено голем, а тоа го покажува и групата на Facebook, која брои повеќе од 13.000 членови.
“Тоа е навистина импресивна бројка. Драго ни е што уште сега има толкав интерес во Босна и Херцеговина за Ikea. Вашата земја за нас е навистина важна, пред се, поради соработката што ја остваруваме со неколку производители кои работат за нас и чии производи се извезуваат од земјата и сега се наоѓаат во продавниците ширум светот“, вели Игор Штефанац, регионален ПР менаџер на Ikea за југоисточна Европа за порталот klix.ba.
Засега не се знае точен датум кога би можела Ikea да ја отвори првата продавница во БиХ.
“Што се однесува до потенцијалното ширење на малопродажната мрежа, односно отворање на продавница во БиХ, засега на ниво на Ikea не постои одлука за тоа. Секако, сите интересни земји се анализираат, па така и БиХ, но засега нема најава дека ќе се донесе одлука во брзо време“, додава Штефанац.