Ikea почна да носи производи во Хрватска

42

ikea

Почна доставата на Ikea производите за продажниот центар во Загреб, а полниот асортиман од околу 9.500 артикли ќе биде достапен кон крајот на летото оваа година.

Во наредните неколку денови камиони со производите на Ikea ќе стигаат во индустриската зона Загреб исток, каде е сместен првиот продажен објект на овој шведски произведувач на мебел, а околу 300 вработени ќе работат на тоа се да биде подготвено за отворањето на крајот на летото, пишува Бизнис.хр.

Продажниот центар во Загреб, на 38.000 метри квадратни ќе нуди преку 9.000 производи за уредување на домот, а во ресторанот со преку 600 места за седење ќе се нудат шведски и локални хрватски јадења.

Ikea е во преговори за купување на земјиште и во Љубљана. Ikea потврди дека планира да влезе и на словенечкиот пазар, но отворањето на продажен објект во оваа земја во моментов не е во фокусот на ширењето на работењето. Првата продавница би требало да биде отворена во сезоната 2016/2017 година. Се очекува оваа компанија да отвори пет продажни центри и во Србија, од кои два ќе бидат во Белград.