Ikea преминува кон помали продавници со цел да ја зголеми е-трговијата

52

Фото: Pixabay

Шведскиот ланец за мебел, Ikea со преку 30 помали продавници низ светот ќе проба да ги задоволи потребите на клиентите коишто се менуваат на глобално ниво, пишува ET. Со ова, компанијата сака да биде поприсутна во онлајн трговијата, односно да им овозможи на своите купувачи полесен пристап преку повеќе продажни канали.

Првата ваква мала продавница е отворена во Париз, а втората во Шангај.

Новите модели на продавници ќе бидат со различна големина. Најмалите, технолошки опремени продавници, ќе зафаќаат површина од 1.300 метри квадратни, а ќе има и такви чијашто големина ќе достигне до 9.200 метри квадратни наменети за трговските центри низ светот.

Моментално, Ikea е позната по тоа што отвора големи продажни салони најчесто лоцирани надвор од градовите. Но, од компанијата велат дека се обидуваат да им излезат во пресрет на купувачите, со оглед на тоа дека начинот на купување денес се менува многу брзо.

Иако со измените ќе се креираат нови 11.500 работни позиции во следните две години, 7.500 вработени ќе бидат отпуштени.

Бројот на посетители на веб страната на Ikea порасна за 10% на 2,4 милијарди, што е повеќе од зголемувањето за 3% на купувачите во продавниците (838 милиони).

Сепак и покрај оваа новина, ланецот за продажба на мебел ќе остане “верен“ на големите салони.