Илон Маск одговори на писмото на ЕК за „дезинформации“ поврзани со војната во Израел

Американскиот милијардер Илон Маск одговори на писмото на европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон за „незаконска содржина и дезинформации“ за израелско-палестинскиот конфликт, наводно дистрибуирани од социјалната мрежа Х.

„Нашата политика е да се задржи сè со отворен код и транспарентно, пристап за кој разбирам дека ЕУ го поддржува. Ве молиме наведете ги прекршувањата на кои се повикувате на платформата X за да може јавноста да ги види“, напиша Маск, коментирајќи го писмото на европскиот комесар.

Маск, исто така, побара да се наведат прекршувањата на кои укажува Бретон за „јавноста да може да ги види“ и додаде на француски „Merci beaucoup“(многу ви благодарам).

Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, претходно му кажа на сопственикот на платформата Х дека социјалната мрежа „шири дезинформации“ поврзани со конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, повикувајќи го да преземе контрамерки во согласност со новите правила на ЕУ за онлајн содржините.

Бретон рече дека има индикации дека Х се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ, објави Ројтерс. Сепак, тој не прецизираше за каква дезинформација станува збор.