Има 88 години, а размислува за бизнисот на својата компанија во 2050 година

279

Веќе размислувам за периодот од 2030 до 2050 година, вели 88-годишниот Рајнхолд Вурт, сопственик на Wurth Group, корпорација која, на пример, имаше продажба од над 17 милијарди евра минатата година.

Човекот кој во далечната 1949 година, на 14 години се приклучил во фирмата на татко му како втор вработен и прв практикант, а на 19 години веќе ја презел работата, во интервју за Пословни дневник вели дека со таквото размислување сака да „ ги постави  темелите за иднината“.

„Во иднина ќе ни треба многу повеќе вештачка интелигенција во компанијата, со компјутери и роботи за поддршка на нашите вработени“, вели Вурт, додавајќи:

„Затоа постојано им кажувам на младите да се занимаваат со компјутерски науки. Колку е подобро познавање на информатиката, толку се подобри изгледите за иднината“.

Во минатото, само продажбата и примањето нарачки беа важни
Вурт вели дека во минатото единствените задачи на вработените биле да продаваат производи и да примаат нарачки. Денес, сепак, клиентите се повеќе се потпираат на онлајн купување, вели тој.

„Ова се рефлектира во нашата продажба: речиси е неверојатно, но 2020 година ја завршивме со ист профит како 2019 година. Во фискалната 2021 година дури поставивме нов рекорд, остварувајќи 17,1 милијарди евра продажба. Денес, нашите продажни претставници се амбасадори на компанијата кои иницираат воведување и етаблирање на нови производи на пазарот“.

Традиција, квалитет и развој
Wurth е една од најголемите германски компании која не котира на берзата, а освен со продажба се занимаваат и со истражување и развој и годишно аплицираат за околу 60 патенти.

Од самиот почеток, Рајнхолд Вурт обликуваше корпоративна култура која се заснова на вредности како што се оптимизмот, динамиката, длабоката почит кон работниците и нивните достигнувања, како и подготвеноста да се понуди најдобра можна услуга на клиентите. Сето ова значително придонесе за успехот на семејниот бизнис.

Бетина Вурт, ќерката на Рајнхолд Вурт, ја продолжува оваа традиција како претседател на Советодавниот одбор на Групацијата Вурт.