Има ли нафта под морето во Црна Гора?

86

Дали има нафта под морето кај Црна Гора ќе покаже првото дупчење кое ќе почне на 25 март, а ќе го спроведе италијанско-рускиот конзорциум Eni-Novatek, објавија Младен Бојаниќ, министер за капитални инвестиции и Марко Перуновиќ, државен секретар за капитални инвестиции во Црна Гора.

Како што беше објаснето, платформата за дупчење Topaz Driller се очекува да пристигне во Црна Гора на 13 март.

“Прво ќе се дупчи на длабочина од 6.525 метри за да се истражува нафта, а второто дупчење за гас ќе биде поплитко. Ќе бидат потребни дополнителни инспекции, и отсега натаму сè се прави според процедурите. Ние сме оптимисти и прелиминарните податоци што укажуваат на дупчење се добри“, рече Перуновиќ.

Министерот Бојаниќ се надева дека Црна Гора ќе излезе со бројни придобивки по овој проект и дека земјата потоа ќе ја диверзифицира својата економија, бидејќи повеќе нема да зависи само од туризмот.

Тој истакна дека Владата е посветена на прашањето за заштита на животната средина и почитување на сите светски еколошки стандарди.

Концесионерите Eni-Novatek, во согласност со обврските од Договорот за концесија за истражување и производство на јаглеводороди, извршија 3Д сеизмички истражувања на крајот на 2018 година, а во текот на 2019 година беа обработени собраните податоци, како и геолошки и геофизички студии. Врз основа на обработените податоци, дефиниран е проспектот за кој се изведува првото истражувачко дупчење.

Воспоставена е логистичка база во пристаништето Бар, каде што е доставен најголемиот дел од материјалот што ќе се користи при дупчење, а во согласност со епидемиолошките мерки, екипажот што треба да изврши увид во опремата на платформата е веќе во карантин во Подгорица.

Фото: Pixabay