Имаат огромен потенцијал, но немаат ветерен парк – Што ја кочи Албанија во бизнисот на иднината?

78

Иако има голем потенцијал за производство на електрична енергија од ветер, во Албанија нема ветерни турбини. Проблемите се комплицирана бирократија, мал пазар, застарена инфраструктура и моќно хидроенергетско лоби.

Планинскиот венец во регионот Љеш во северна Албанија се издига над Јадранското Море. Наскоро таму треба да никне голем парк на ветерници. Во април годинава, албанската влада и даде зелено светло на албанско-италијанска компанија да изгради фарма на ветер на земја. Инвестицијата е вредна 244 милиони евра, а во планините Љеш треба да се изградат 39 ветерници со моќност од 234 мегавати. Ова може да покрие околу 1 процент од потребите за струја во Албанија, пишува Дојче веле.

Проектот беше лансиран во 2008 година, но изградбата дури сега започнува. Првите киловати струја од тој обновлив извор треба да протечат следната година.

Бавен напредок, голем потенцијал
Всушност, Албанија веќе речиси целосно се снабдува со електрична енергија од обновливи извори – или поточно од водна енергија. Низ таа земја течат голем број реки од кои најважна е моќниот Дрим. По должината на неговиот тек има неколку хидроцентрали кои задоволуваат три четвртини од вкупните потреби за електрична енергија на Албанија.

Се чини дека сега со проектот во Љеш конечно ќе има некаков напредок. Во 2021 година, владата во Тирана објави и тендер за изградба на турбини на ветер на копно кои ќе произведат дополнителни 100 мегавати.

Што се однесува до турбините за вода, пет турски компании поднесоа барања за изградба на фарма на ветер кај полуостровот Карабурун кај Валона во јужна Албанија. Секоја од турбините треба да произведува по 10 мегавати.

Но, сето ова е само мал дел од реалниот потенцијал за производство на енергија од ветер во Албанија. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) проценува дека во таа земја би можеле да се произведат дури седум гигават-часови од сончева и ветерна енергија. Тоа е три пати повеќе од вкупниот сегашен производствен капацитет на Албанија. Во извештајот на таа агенција се проценува дека Албанија би можела да произведе околу 600 мегавати од ветер и сонце до 2030 година.

Комплицирана бирократија
Меѓутоа, за инвеститорите да бидат подготвени да инвестираат, мора да се отстранат цела низа бирократски пречки, вклучително и добивање дозволи, спроведување скапи физибилити студии и обезбедување финансиски гаранции.

Електроинженерот Енерјан Греми за ДВ потврдува дека процедурите се премногу комплицирани и напорни. Самиот тој со години се мачи да започне проект за изградба на пет турбини на ветер.

Хидроенергетско лоби
Посебна тешкотија е финансиската одржливост на ваквите проекти. Цената на еден мегават од турбина на ветер (инсталирана моќност до 3 мегавати) што ја одредува албанската Регулаторна агенција за енергетика изнесува околу 76 евра. Тоа е двојно повеќе од цената одредена за еден мегават добиен од хидроцентрала.

Токму тоа го покажува влијанието на хидроенергетското лоби. Ветерната енергија на албанскиот пазар е помалку конкурентна од водената енергија. Инженерот Греми вели дека потребни се најмалку осум години ветерниците да станат профитабилни.

Покрај тоа, недостасува базата на податоци за ветер. „Доколку имаше такви податоци, странските компании ќе одлучат да инвестираат, како што прават во хидроенергетскиот сектор“, вели Греми.

Застарена дистрибутивна мрежа

Пајтим Бело, поранешен заменик министер за енергетика, а денес независен експерт за енергетика, вели дека сега конечно е воспоставена законската рамка кога се во прашање ветерните електрани. Вистинскиот проблем сепак е дистрибутивната мрежа, нагласува Бело. Поправките, па дури и замените се неопходни за да може мрежата да се справи со големите количини на енергија што би се добиле од ветерот и сонцето.

Има и проблем кој е познат во целиот свет кога се во прашање ветерниците: заштитата на дивите животни. Птиците и лилјаците се во опасност, вели Мирјан Топи, орнитолог од невладината организација „Птици на Албанија“.

„Птиците грабливки и големите водни птици како пеликаните и чапјите можат да налетаат на турбини кои можат да ги осакатуваат или убијат. Пред да се изградат фарми со ветерници, неопходно е да се спроведе студија за присуство на птици и лилјаци“, вели Топи и посочува, a тоа во моментов не е практика.

Сепак, електроинженерот Греми верува дека има причина за оптимизам: „Со елиминацијата на бирократијата, енергијата на ветерот би можела да го достигне својот врв за околу пет години“.

Но, и покрај ваквиот оптимизам, останува фактот дека Албанија се уште нема ниту една ветерна турбина.