Фото: Pixabay
Една од најбитните работи кои сме должни да ги одбраниме во интерперсоналните односи е нашиот интегритет.
Секој може да се налути – тоа е лесно.
Меѓутоа, да се налутиш на вистинската личност,
со вистинска мера, во вистинско време,
поради оправдана причина и на вистинскиот
начин – тоа не е лесно.
Аристотел, Никомаховата етика
Враќајќи се од работа накај дома обично правиме ретроспектива на задачите кои сме ги завршиле и кои треба допрва да ги завршиме, но во исто време неминовно размислуваме за односот со колегите и претпоставените, како сме реагирале во одредена ситуација и што сме направиле за да го одбраниме сопствениот став. Разочарувањето стапува на сцена кога стекнуваме увид дека скоро се што ни било кажано сме прифатиле на најљубезен начин или сме одбиле без да направиме проценка на штетата која ја нанесуваме. Очигледно е дека двете варијанти не се победничка комбинација. Љубезноста не ни донела успех, само поголем број задолженија. Да, во ред, нема проблем… се само дел од зборовите што менаџерите ги слушаат секојдневно. Но, тоа не ги прави среќни во работната средина. Безличноста на вработените го инхибира претпоставениот во донесување креативни решенија. Единствено гледа да ја прераспредели работата и истата да биде завршена. Кога некој ќе се издвои со сопствено мислење, ќе понуди нешто конкретно и ново, со право ќе се спротивстави и ќе даде објаснување, тој е на добар пат да постигне успех во инерперсоналните односи со колегите и во работата.
Недостатокот на сопствен став и прифаќањето на се што ќе се побара од нас не не прави добри и примерни работници. Тоа не прави пасивни, попустливи, незадоволни, тивки и ненаметливи. На овој начин тешко се постигнува успех. Дури и шефот сака да види иницијативност и самодоверба кај вработените.
Наспроти пасивната улога во канцеларија, постојат колеги кои се изразено агресивни во одбрана на своето мислење. Оставаат впечаток дека секогаш се во право без да ги чујат другите. Тоа се оние луѓе кои по секоја цена ќе се наметнат, кои се препотентни и немаат трпение да слушаат, кои сакаат да наредуваат и да бидат гласни.
Победничка деловна комуникација значи да умееме да ги изразиме сопствените мисли, чувства и вредности, на директен, искрен и адекватен начин уважувајќи ги притоа правата на другите. Во различни ситуации комуникацијата се прилагодува на тој начин што се почитуваат сопствените права, интереси, потреби и желби, се спротивставуваме на неправди и ги одбиваме неоправданите барања без притоа да чувствуваме вина и анксиозност. Покрај ова, секогаш кога е потребно сме подготвени отворено да изразиме благодарност, пофалба, внимание и извинување. Ваквиот начин на комуникација се нарекува асертивно однесување.
Што значи да бидеме асертивни?
Да се почитуваме себе и да ги почитуваме другите.
Кога сме асертивни умееме љубезно да кажеме не, без проблем да го изразиме нашето незадоволство, бараме покачување на платата, јасно кажуваме што ни пречи. Се додека молчиме, проблемот нема да се реши. Одлика на возрасните луѓе е да ја преземат одговорноста за сопственото однесување, но и да го препознаат однесувањето на останатите за кое не се одговорни, да не си ја препишуваат вината врз себе и да не ги трпат последиците. Едноставно, да кажат не.
За да кажеме не, неопходно е да имаме план што понатаму.
Прво е потребно да дадеме објаснување од кои причини одбиваме или зошто таквото однесување не може да го прифатиме. Тука се подразбира да дадеме свој личен став за тоа што ни пречи и какви последици би можеле да имаме. Доколку колегите не се свесни дека не повредуваат, вината не може да ја бараме кај нив, но исто така не треба да продолжиме да трпиме, па затоа најдобро решение е искрено да кажеме што ни пречи и од кои причини.
Со подеднаква свесност за асертивноста, второ битно што треба да го имаме на ум е дека и колегите имаат свои права, потреби, ставови и желби кои не смееме да ги потцениме, туку да покажеме разбирање и да пронајдеме заеднички компромис.
Последно, но можеби и најбитно во планот, е да понудиме решение. Откако ќе се дефинира проблемот и ќе се согледаат можните последици, потребно е да дадеме објаснување на кој начин може да се разреши ситуацијата. Одлика на асертивноста е јасно да ги искажеме сопствените потреби без да се остави простор другите да претпоставуваат што ние сакаме, а што не. Но, кога бараме некој да го промени односот кон нас, тогаш треба да му кажеме каков однос очекуваме, да дадеме конструктивен предлог и да разговараме за истото, зашто во спротивно колегите ќе не доживеат како агресивни.
Како да бидеме асертивни?
□ Да кажеме: ова е моето мислење.
□ Да ги почитуваме другите, но истото да го бараме и за себе
□ Јасно, конкретно и отворено да зборуваме без одолговлекување
□ Да ги искажеме своите очекувања и чувства
□ Да ги пофалиме другите кога има причина
□ Да ја преземеме одговорноста за сопственото однесување
□ Да се извиниме кога е потребно
□ Да го контролираме сопственото однесување
Мали тајни за големи промени
За да биде поедноставен пристапот кон учење на асертивното однесување, може да користите техники со чие што вежбање ќе умеете полесно да се справите со ситуации кога треба да кажете не.
Заглавена лента
Претставува корисна техника кога имаме едноставно барање. Јасно и конкретно го повторуваме истото се додека се исполни. За да ја користиме оваа техника потребно е да го формулираме барањето концизно, да се однесува на една промена без притоа да генерализираме. Генерализацијата може да опфати поширока тема, да го искомплицира барањето и да го отежни патот до решавање на проблемот.
Одбивање – имам право да кажам НЕ
Кога сакаме да одбиеме некое барање, во тоа треба да бидеме одлучни. Доволно е да се каже не, накусо да се објасни причината и потоа повторно одлучно да се каже не. Оваа техника бара строга истрајност бидејќи недоследноста повторно не враќа на однесувањето кое сакаме да го избегнеме.
Јас – пораки
Овие пораки се насочени кон нас, нашите потреби и чувства, без да критикуваме или напаѓаме. Кога ги употребуваме зборуваме за себе, го изразуваме својот личен став и доживување за тоа што другите го бараат од нас. Јас – пораките ни помагаат да бидеме разбрани, а соговорникот да не се почувствува етикетиран. Во себе содржат три дела: опис на однесувањето кое ни пречи, без осудување; ги изразува нашите чувства; ги појаснува конкретните последици од однесувањето. Пр:
– Кога ми давате дополнителни задолженија, не ми е пријатно, бидејќи ќе треба да останам прекувремено на работа.
– Кога доцните на состанок, многу се нервирам, бидејќи за мене тоа е непотребно губење време.
Во кратки црти
Асертивно однесување подразбира борба за сопствените права на начин кој ги почитува и правата на другите. Основната порака во асертивната комуникација се сведува на важноста на сопствените чувства, мисли, ставови, но и на чувствата, мислите и ставовите на останатите луѓе. Ваквиот начин на однесување во канцеларија е сигурен пат кон успешна комуникација и реализација на работните задачи.
За да го зачувате сопствениот интегритет на работа, за колегите да ве почитуваат и да не ве злоупотребуваат, за да не се чувствувате анксиозно и фрустрирано, потребно е да кажете НЕ.
Со пасивност ги вреднуваме другите луѓе повеќе од себе, со агресивност се вреднуваме себе повеќе од другите, а со асертивност го одржуваме балансот помеѓу потребите на двете страни.