Меѓународната организација за односи со јавност – IPRA ѝ додели највисока награда Golden World Award на агенцијата за комуникациски менаџмент и односи со јавност Имиџ ПР, за кампањата Енергетска математика , којашто е реализирана за ЕВН Македонија. Golden World Award е прва престижна награда од Меѓународната организација за односи со јавност – IPRA, што ја добива агенција од Македонија, а годинава ова е единствена висока награда доделена во регионот.
Престижната награда во конкуренција од повеќе проекти од целиот свет, Имиџ ПР ја доби во категоријата Односи со заедницата. Формалното доделување на наградите ќе се одржи во ноември во Доха, Катар.
“Како една од првите агенции за односи со јавност на македонскиот пазар оваа награда за нас претставува огромна потврда дека нашите досегашни напори да воспоставиме високи стандарди во професијата се оправдани. Тоа нѐ позиционира на светската карта не само како агенција, туку и како земја. Докажавме дека сме конкурентни и на светско ниво што е огромен успех. Оваа награда за нас е само дополнителен поттик да понудиме квалитетни проекти на пазарот, што ќе бидат препознаени од клиентите и ќе помогнат во постигнување на нивните цели”, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ директор на Имиџ ПР.
На развој на решенијата и продукција на видео материјалот за Енергетската математика работеше и тим на адвертајзинг агенцијата Идеа плус Комуникации од Скопје.
Енергетска математика е дел од Платформата за енергетска ефикасност, што ЕВН Македонија ја спроведува од 2012 година заедно со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, а чија цел е поголема примена на енергетската ефикасност во сите сегменти од современото работење и живеење.
“Во современиот живот електричната енергија и нејзиното користење е значајно прашање кое има и економски и еколошки аспект. Начинот на користење на електричната енергија зависи од навиките и однесувањата на луѓето и ние преку нашите активности сакаме да покажеме како да се живее квалитетно, но истовремено и енергетски ефикасно. Прашањето на енергетската ефикасност е особено актуелно и ние ви таа насока ќе продолжиме да работиме и во следниот период“, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонја.
Комуникациската платформа Енергетската математика е комплексен комуникациски проект којшто преку различни канали на комуникација ја пренесува главната порака за “вредноста“ на електричната енергија изразено преку киловат час и начините на кои може да се рационализира потрошувачката во секојдневниот живот. Комуникациските средства подготвени на едноставен и секому разбирлив јазик покрај другото опфаќаат: осум филмувани епизоди од секојдневниот живот на просечното семејство Јаневи и Адеми, кои се емитуваа на македонски и албански јазик, вклучување на младата публиката преку интеракција на социјалните медиуми, едукативни работилници за заинтересираната јавност, надворешно огласување, радио пораки, телевизиски видео материјали итн. Енергетската ефикасност е тема која покрај тоа што има големи ефекти врз животната средина, значајно влијае и на семејниот буџет.