Белградската млекарница Имлек купи мнозински пакет акции на Млекарница Суботица, потврди за Танјуг генералниот директор на Имлек, Слободан Петровиќ. Одлуката е донесена со цел консолидација на компанијата, подобро позиционирање на пазарот и намалување на трошоците на работењето.
Млекарница Суботица од 2003 година е во мнозинска сопственост на Инвестицискиот фонд Салфорд, кој воедно е сопственик и на Имлек. Имлек работи во рамките на Денјуб фудс група (дел од Салфорд), во која спаѓаат и Бамби – Банат, Књаз Милош, Млекарница Нови Сад.
Имлек е сопственик на неколку млекарници во регионот, а во Македонија е присутен преку Битолска млекарница.
Имлек и Млекарница Суботица заедно имаат околу 1.470 вработени во шест производни погони и четири канцеларии сместени во Србија, Босна и Херцеговина и Македонија. Вкупниот приход на компаниите изнесува околу 270 милиони евра.