Граѓаните ќе добијат можност од дома преку интернет да порачаат имотен лист, кој веднаш во електронска форма или по пошта ќе им биде доставен на нивна адреса, вели во интервју за Миа директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
“Во нареден период со новиот дистрибутивен систем кој е во развој ќе се овозможи 24 часовен пристап на поширок круг професионални корисници (министерства, судови, извршители…) како и граѓани, кои на многу едноставен начин ќе доаѓаат до услугите и податоците од катастарот на недвижности. Така ќе биде овозможено граѓанинот од дома преку интернет да порача имотен лист и истиот во електронска форма веднаш или по пошта да му биде доставен до неговата адреса на живеење“, вели Трпески.
Тој информира дека Катастарот досега впишал 95.656 легализирани објекти. Тоа значи дека толку семејства се стекнале со имотен лист за својот објект, што ќе им овозможи наследување на имотот, продажба, заложување во банките за кредити за нови инвестиции, како и да бараат од општините да им ги исполнат сите услови од комуналната сфера, да им се урбанизира локацијата, да им се изгради пат, да им се обезбеди квалитетен приклучок на струја, вода, канализација…
“Во првите шест месеци од годинава Катастарот има примено вкупно 574.418 предмети од кои нерешени, односно во моментот на креирање на извештајот во постапка на решавање, биле вкупно 2.314 предмети, што претставува оперативна нула. Од јануари оваа година до почетокот на јули, запишани се вкупно 10.448 хипотеки, додека за истиот период се избришани вкупно 4.673 хипотеки. Севкупно заклучно со мај, од над 900.000 објекти колку што се запишани во катастарот на недвижности, на 72.000 објекти има запишано хипотеки, што е далеку под европскиот просек и како потенцијал за развој на економијата се уште не е доволно искористен“, наведува Трпески.
Во финална фаза на изработка е и апликацијата за визуелна прегледност на загадувањето на воздухот, што ќе биде поставена на веб страницата на Катастарот. За неа се достапни одреден сет архивски податоци за загадувањето на воздухот во Скопје, кои ги обезбедува Министерството за животна средина и просторно планирање, откако претходно се обработени и моделирани согласно метереолошките услови во одреден временски период.
Во апликацијата ќе бидат посочени сите големи загадувачи како и можност да се види моменталната загаденост на воздухот на локациите каде што има мерни станици, најавува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.