Индија го ограничува извозот на ориз

60

Индија го забрани извозот на кршен ориз и воведе извозна давачка од 20 отсто на други видови и житарки за да се обезбеди снабдување на граѓаните и умерен пораст на цените на домашниот пазар поттикнат од пониските засеани површини поради слабите монсунски дождови.

Индија е најголемиот светски извозник на ориз и го продава на повеќе од 150 земји, така што намалените залихи ќе го зголемат притисокот врз цените на храната, кои веќе растат поради сушата, топлотните бранови и руската војна во Украина.

Подпросечните врнежи од дожд во главните региони за производство на ориз во Индија, како што се Западен Бенгал, Бихар и Утар Прадеш, ја зголемија загриженоста за производството. Оваа година Индија веќе го забрани извозот на пченица и ја ограничи испораката на шеќер, потсетува Ројтерс.

Њу Делхи целосно го забрани извозот на кршен ориз, кој беше увезуван од група сиромашни африкански земји, како Сенегал и Џибути, за човечка исхрана. Најголем клиент беше Кина, која лани увезла 1,1 милион тони и главно го користи за добиточна храна.

Владата воведе царина од 20 отсто и за извоз на други видови ориз, со исклучок на варениот ориз и басмати. Царините ќе влијаат на белиот и кафеавиот ориз, кои сочинуваат повеќе од 60 отсто од извозот на Индија, рече претседателот на Асоцијацијата на извозници на Индија, Кришна Рао.

„Поради царините, индискиот ориз повеќе нема да биде конкурентен на светскиот пазар. Купувачите ќе се префрлат на Тајланд и Виетнам“, рече Рао. На Индија отпаѓа повеќе од 40 отсто од глобалниот извоз на ориз, со конкуренција од Тајланд, Виетнам, Пакистан и Мјанмар.

Извозот на Индија би можел да падне за најмалку 25 отсто во следните месеци поради царините, изјави Химаншу Агарвал, извршен директор на најголемиот индиски извозник на ориз Сатјам Балаџи.

Извозот на ориз во Индија достигна рекордни 21,5 милиони тони во 2021 година, повеќе од следните четири најголеми светски извозници на житарки, Тајланд, Виетнам, Пакистан и САД, заедно.

Досега Индија беше убедливо најевтиниот снабдувач на ориз и тоа до одреден степен ги штитеше африканските земји како Нигерија, Бенин и Камерун од порастот на цените на пченицата и пченката, рече неименуван трговец од Мумбај во глобална трговска фирма.

Досега поскапуваа сите земјоделски производи, освен оризот, а сега им се придружи“, рече тој