Индија може да биде купувачот на евтина руска нафта

103

Индија може да ја прифати понудата на Русија да продава сурова нафта и други суровини со значителен попуст.

Ова го изјавија анонимни индиски владини претставници, цитирани од CNN.

Ова е уште еден сигнал дека Делхи сака да го задржи својот клучен трговски партнер, и покрај обидите на Западот да ја изолира Москва преку големи економски и финансиски санкции.

Американските власти во последниве недели изјавија дека би сакале Индија да се дистанцира што е можно повеќе од Русија, притоа признавајќи дека во голема мера се потпира на Москва за сè, од оружје и муниција до проектили и борбени авиони.

Индија не ја осуди руската инвазија на Украина и се воздржа од гласањето во ОН за декларацијата со која се осудува руската агресија.

Индија, која увезува 80% од нафтата што и е потребна за нејзината економија, обично купува само околу 2-3% од Русија. Но, бидејќи цената на нафтата се зголеми за 40 отсто оваа година, владата се обидува да ги диверзифицира своите резерви за да ги намали зголемените трошоци за енергија.

„Русија нуди нафта и други суровини со големи попусти. Ќе бидеме среќни да ја прифатиме оваа понуда“, рекол индиски владин претставник. Сепак, според него, таквата трговија бара подготвителна работа, вклучувајќи транспорт, осигурување и добивање на вистинските сорти на сурова нафта.

Откако ќе се решат овие детали, Индија би ја прифатила руската понуда.

Анонимни извори не прецизираат колкаво количество нафта има и колкав е попустот.

Индија, исто така, се обидува да воспостави механизам за директна размена меѓу индиската рупија и руската рубља за да ја олесни билатералната трговија. Русија, од своја страна, ги повика земјите кои ги смета за „пријателски нации“ да одржуваат трговски и инвестициски врски со неа.

Покрај нафтата, Индија ќе бара и поевтини ѓубрива од Русија и нејзиниот сојузник Белорусија.

Припадниците на индиските безбедносни служби велат дека не можат одеднаш да ја заменат Русија со други добавувачи, особено во одбранбениот сектор. Зависноста на Индија од Русија за нејзината воена опрема сè уште достигнува 60%, и покрај значителното намалување во изминатата деценија.

Соединетите Држави досега одбија да коментираат дали Индија ќе биде санкционирана доколку Русија испрати ракетни системи С-400 како дел од договорот од 5,5 милијарди американски долари потпишан во 2018 година за пет од нив.

Првичните испораки на системот започнаа кон крајот на минатата година, и покрај американскиот закон кој има за цел да ја задуши трговијата со руска воена опрема.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас минатата недела изјави дека Лондон мора да продолжи со поблиски економски и одбранбени врски со Индија за да и помогне да ја намали зависноста од Русија.

Од 2011 година, Индија го намали увозот на оружје и одбранбена опрема од Русија за 53%.