Индија: Робот, контролиран од далечина, изведе операција на срце

56

Роботска рака, контролирана преку компјутер од далечина, успешно асистираше при операција на срце во Институтот Apex Heart во Гуџарат, Индија.

Во операцијата учествуваше тим од тројца специјалисти, а роботот беше компјутерски управуван од хирург оддалечен 32 километри од операционата сала, пишува CNBC.

На овој начин беа третирани пет пациенти со коронарна артериска болест, чиишто крвни садови биле оштетени. Според тимот, ниеден од оперираните пациенти не се пожалил на било какви компликации од процедурата.

Роботите при операции се користат од 2001 година, но овој начин може да биде особено погоден за пациенти со срцеви аномалии во рурални и неразвиени средини каде нема соодветен кадар.

Доволно е да се има добра мрежна поврзаност и хирургот може со помош на роботот да оперира од далеку.

Освен тоа, далечински контролираните роботи би можеле да ги заменат медицинските работници во лаборатории каде има високо ниво на радијација и да превенираат повреди кај вработените од користење на тешки медицински апарати.

Фото: Pixabay