Индивидуален спорт и животни лекции

66

sport

Фото: Pixabay

Сите знаеме дека спортот е најдобар начин за одржување на физичката кондиција, за правилен развој (посебно ако се спортува од рана возраст) и е фактор за подобро здравје кај луѓето. Меѓутоа, спортот доста влијае и на менталното здравје кај луѓето.

Отсекогаш сум спортувал (аматерски) и најмногу сум играл тимски спортови (фудбал, баскет). Но, во последниве неколку години почнав да практикувам индивидуални спортови (возење велосипед, трчање и тенис). Бидејќи за првпат подолго практикувам индивидуален од тимски спорт ги забележувам разликите. Во тимскиот спорт може да победите и ако играте слабо тој ден, додека во индивидуалниот спорт сè зависи од самите нас. Успехот/неуспехот зависи од нашата посветеност, амбиција, вештини. Покрај бенефициите од спортот, како редуцирање на стрес, подобро здравје, подобро расположение, подобра концентрација, натпреварувањето сам со себе ми овозможи да научам доста работи за самиот себе, но и неколку животни лекции кои би ги споделил со вас:

  1. Треба да се почне и да се биде конзистентен
    – Како и за многу други работи, за да има успех треба да се почне. Почетокот е секогаш тежок, но треба да се буткате сами себе да има континуитет. Колку повеќе вежбаме стануваме подобри. Најтешко е да се натераш сам да почнеш/ тоа е и предноста на тимскиот спорт, има други кои ќе те „набуцкаат“…
    “Eighty percent of success is showing up.” Woody Allen
  2. Мора да истрпиме болка за да бидеме подобри. Кога почнав да возам велосипед не можев да возам многу на прав пат, а камоли да се качувам по угорници. Имав болки во нозете, но издржував и секое наредно возење можев да издржам подолго и понапорно. Кога почнуваме нешто ново нормално е да се судриме со проблеми, но тие треба да се издржат, да се научи од препреките и да се обидуваме повторно и повторно. Ако не излеземе од комфорната зона нема никогаш да успееме.
  3. Бидете позитивни за да напредувате. Кога вежбате за да се напредува треба да се самомотивирате, бидејќи никој друг нема да го прави тоа (за разлика од тимскиот спорт). Треба да се биде позитивен во тој разговор сам со себе за да се издржи и да се оствари целта. Самомотивацијата на тој начин е лекција која помага во сите сфери од животот. Идејата е да бидете позитивни и да се мотивирате, тогаш кога не се чувствувате убаво, позитивно и мотивирано за акција и за вежбање. Ако успеете да го победите тој момент, тогаш вие сте на правиот пат на самоменаџирање.
  4. Ако стане напорно, не застанувајте. Најчесто кога сум мислел дека веќе не можам (да трчам, возам) и треба да застанам, тоа било грешка, се работи за моментална криза. Треба да се издржи и да се надмине кризата. Може да се забави, да се намали темпото, но не треба да се откажеме пред да стигнеме до замислената цел. Секоја промена, секоја акција, нов проект на почеток секогаш е тежок. Но не смее да се откажеме на првата бариера, туку да најдеме волја и да издржиме до крај. Колку и да се гледа тешко или непотребно, или глупаво, на крајот, направете го тоа за вас самите. Да видите од што сте направени.

“It does not matter how slowly you go as long as you do not stop.” Confucius

  1. Спортувајте (работете, дружете се) со подобри од вас. За да имате напредок во некоја работа, треба да се прави тоа со подобри од вас. Од луѓе кои знаат повеќе за тоа може да се научи и да ви ги покажат тајните кои ги научиле тие преку практична работа. Не треба да се гледаат овие луѓе како конкуренција (колеги) или како без вредност тоа што ќе ти го кажат (менаџер) или поради предрасуди и давање на преголема вредност на себе, да не послушаме некој наш близок пријател, фамилија итн. „Крадете“ од сите.
  2. Уживајте во патот. Не треба да бидеме среќни само кога ќе заврши активноста и ја оствариме дадената цел. Така е и во животот. Треба да се ужива додека ја правиме активноста , да не се молиме и одвај да чекаме да заврши. Така, нема долго да го правиме тоа бидејќи не се забавуваме. Успехот за што било е кога се забавуваме во тоа што го правиме. Тоа значи, треба да одбереме нешто во кое уживаме и да го правиме тоа.
    “The only way to do great work is to love what you do.” Steve Jobs

Се надевам дека овој текст ќе ве поттикне да погледнете на работите малку од друга перспектива, како работите се сите поврзани меѓусебно и како нашиот карактер може да се јакне како на работа, така и надвор од неа. А може и ќе ве мотивира да се зафатите со некој индивидуален спорт, каде што ќе успеете да влијаете позитивно на вашето физичко здравје и направите силна самоанализа на нашите можности и капацитети.

Со успех во имплементација.