Индустрија имуна на корона – лани со промет од 531 милијарди долари

108

Според новиот извештај на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ), минатата година трговијата со оружје изнесуваше 531 милијарди долари.

Заклучување, проблеми со синџирот на снабдување, несигурни потрошувачи… Пандемијата на коронавирусот предизвика голем економски пад низ целиот свет. Но, една индустрија се покажа дека е имуна на вирусот: индустријата за оружје. Ова го потврдува новиот извештај на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања (СИПРИ) за 100-те најголеми светски производители на оружје.

Александра Маркштајнер е дел од истражувачкиот тим на СИПРИ и за Дојче Веле објаснува што ја изненадило најмногу во првата година од пандемијата: „Иако светската економија падна за 3,1 отсто според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), продажбата на оружје на 100-те најголеми производители, порасна 1,3 проценти“.

Вкупниот промет на тие сто компании е 531 милијарда американски долари. Тоа е повеќе од целокупното економско производство на Белгија. Повеќе од половина (54%) постигнаа 41 американска компанија. Седиштето на доминантните компании се во САД. Само Локид-Мартин продаде оружје во вредност од над 58 милијарди долари минатата година. Тоа е повеќе од бруто националниот приход на Литванија.