
Индустриското производство во периодот јануари – декември 2022 година во однос на периодот јануари – декември 2021 година е намален за 0,3 отсто, додека во декември 2022 година во споредба со декември 2021 година бележи пад од 1,3 проценти.
Според Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2022 година во однос на декември 2021 година бележи опаѓање од 2,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија намалување за 2,3, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 11,6 проценти.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел.