
Сезонски прилагоденото индустриско производство во Еврозоната се зголеми во јули за 0,3 проценти на месечна основа, додека раст од 0,2 проценти е забележан во целата Европска унија, објави Евростат.
Во Европската унија, производството на меѓупроизводи се зголеми во јули за 0,3 проценти во споредба со претходниот месец, како и производството на капитални добра за 0,9 проценти, трајни производи за широка потрошувачка за 0,6 проценти и нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,3 проценти, додека производството на енергија се намали за 2,1 процент.
Најголем месечен пад на индустриското производство е забележан во Естонија – 5,5 проценти, во Малта 4,7 проценти и во Шведска 3,9 проценти, додека најголем раст е регистриран во Хрватска – 2,6 проценти, и во Унгарија и Словенија, по 2,1 процент.
На годишна основа, во споредба со јули 2024 година, индустриското производство во Еврозоната се зголеми за 1,8 проценти, со исто темпо како и во Европската Унија.
Во ЕУ, производството на меѓупроизводи се намали во јули за 0,7 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, производството на енергија за 0,6 проценти, трајните производи за широка потрошувачка за 0,3 проценти, додека производството на нетрајни производи за широка потрошувачка се зголеми за 5,2 проценти, а капиталните производи за 2,4 проценти.
Најголем годишен пад на индустриското производство е забележан во Бугарија – 8,3 проценти, Луксембург 4,7 проценти и Словачка 4,6 проценти, додека најголем годишен раст е регистриран во Латвија – 9,8 проценти, Ирска 8,1 процент и Шведска 4,1 процент, според веб-страницата на Евростат.
Фото:Pixabay











