Инфлацијата е во рамки на плановите

29

„Инфлацијата е во рамките на планираното. Просечната стапка на инфлација е стабилна во првите осум месеци и е 2,7%, во одредени месеци е нешто повисока, во некои други пониска. И во земјите членки на Европската Унија, во тие рамки се движат инфлационите стапки. Во Германија оди инфлацијата и до 3,9%, но животниот стандард е различен во Германија и Северна Македонија. Тоа што го кажувам и ќе го повторам и отворен сум за дискусија и со опозицијата и експертите, тоа е дека Владата може да допринесе животниот стандард да се подобри. Еден од начините на кои може да се интервенира, тоа е преку влијание на минималните приходи, зголемување на минималната плата, а со тоа и зголемување на просечната плата. Дека има подобрувања во овој сегмент, мора да признаеме дека има, дека очекувањата на сите нас се поголеми, дефинитивно се. И јас лично очекувам животниот стандард побргу и со поголема стапка да се подобрува, но за жал таква е моменталната состојба на нашата држава. Ете денес ќе се соберат сите претседатели на Северна Македонија, да зборуваат за состојбите од 1991-2021 и прашањето е: зошто некој дозволил во 30 години да се случи тоа што се случуваше, за да имаме последици кои што денес ги имаме. Да не заборавиме дека само пред 4 години, се трошеа големи суми на народни пари за субвенции и со тоа се гордеевме, а во исто време се плаќаше 9 илјади денари минимална плата и се велеше видете каков успех е креирање на работни места со 9 илјади денари плата. Денес минималната плата е 15 илјади и 200 денари, знам дека има простор за дополнително зголемување на минималната плата, но за тоа ќе зборуваме по локалните избори, како и каде треба да се движи нашата економија”, посочи вицепремиерот Битиќи за време на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг” на Слободна ТВ.

Вицепремиерот дополни дека Владата размислува и на стратешко ниво, на подолг рок и токму затоа, за време на кризата, започнат е процесот за креирање на Национална развојна стратегија за следните 20 години, која е потребна за да нашата земја биде во тек со со глобалните трендови, да се дефинираат правците на движење на економијата и да се детектира конкурентска предност на Северна Македонија.

Во однос на прашањето дали покачувањето на цените за основни репроматеријали би можеле да влијаат на покачување на цените на производите во Република Северна Македонија и дали Владата би можела да интервенира на цените на недвижностите кои се со тенденција на раст, Вицепремиерот Битиќи укажа дека ние сме пазарна економија и дека цените се формираат по принципот на побарувачка и понуда, кој е нормален принцип во економијата и дека нема да се дозволи цените да се формираат со договарање помеѓу фирмите.

„Пред само 4 години веќе е зборувано, дека со самиот влез во НАТО, ќе расте и побарувачката и понудата кај недвижностите и тоа е нешто што секаде се случува, по влегувањето во НАТО, цените на овој пазар растат. Глобалниот пораст на цени е дополнителен фактор во оваа насока. За пошироката јавност треба да разјасниме дека во пазарната економија, не е за очекување дека државата треба да диктира цени, но исто така не може да се очекува дека ќе има договарање на цени од самите стопанственици. Договорањето на цени, евентуално би можело да значи картелско однесување и тоа е противзаконито”, посочи вицепремиерот Битиќи.