Инфлацијата ја намалува потрошувачката на пиво во Германија

26

Речиси секој петти Германец пие помалку пиво затоа што поскапело, покажуваат резултатите од истражувањето. Големите германски производители ги зголемија цените во последните месеци или најавија дека планираат да го сторат тоа.

Според истражувањето спроведено од Институтот YouGov, околу 17 отсто од учесниците изјавиле дека пијат помалку пиво. Три проценти изјавиле дека пијат уште повеќе, додека две третини (61 процент) пијат како порано. Околу една петтина не одговориле, пишува агенцијата ДПА.

Повеќе мажи (22 проценти) отколку жени (13 проценти) велат дека поради повисоките цени почнале да се откажуваат од својот омилен пијалок.

Производителите како Radeberger Group, Krombacher, Veltins и Bitburger ги зголемија или ќе ги зголемат цените. Од пиварниците велат дека се принудени да ги зголемат цените поради зголемувањето на трошоците, на пример енергијата.

Како што претходно пишуваше Бизнис.рс, во 2021 година, како и во 2020 година, Германија беше најголем производител со 7,5 милијарди литри (23 отсто од вкупното производство во ЕУ). Тоа значи дека приближно секое четврто алкохолно пиво произведено во ЕУ доаѓа од оваа земја.

По Германија следуваат Полска и Шпанија, и двете со по 3,7 милијарди литри произведени, односно со 11 отсто од вкупното производство на ЕУ, а потоа следи Холандија со 2,5 милијарди литри (седум отсто). Заедно, овие четири земји произведуваат 52 отсто од пивото што доаѓа од ЕУ.

Трговските податоци на Евростат покажуваат дека Холандија продолжила да води на листата на најголеми извозници на пиво што содржи алкохол во 2021 година. Имено, лани од таа земја се извезени вкупно 1,9 милијарди литри алкохолно пиво, што претставува 21 отсто од вкупниот извоз на пиво во ЕУ.

Следат Белгија (1,7 милијарди литри; 19 проценти) и Германија (1,6 милијарди литри; 17 проценти), а потоа Франција и Чешка (и двете 0,5 милијарди литри; шест проценти).

Фото: pixabay