Инфлацијата во Чешка лани изнесуваше 15,1 отсто

75

Во Чешка, инфлацијата продолжи да забавува на крајот на 2022 година, во декември стапката беше 15,8 отсто, а за целата 2022 година беше 15,1 отсто, што е втор најлош резултат во историјата на независна Чешка.

Повисока инфлација, на ниво од 20,8 отсто, последен пат е забележана во 1993 година, објави денеска чешкиот завод за статистика.

Како и претходните месеци, мотор на инфлацијата беа цените на храната, енергијата и становите, пред се поради скапиот гас.

Во споредба со декември 2021 година, лебот поскапе за 38 отсто, пилешкото за 43 отсто, млекото за 55 отсто, јајцата за 92 отсто, маслото и мастите за 38 отсто, додека шеќерот во декември беше речиси двојно поскап од пред една година. Гасот што се користи за греење на домаќинствата поскапе за 140 отсто во однос на декември 2021 година, јагленот и цврстите горива за 66 отсто, а греењето и топлата вода за 29 отсто, пренесува Бета.

Во однос на декември 2021 година, цените на стоките се зголемени за 17,8 отсто, а на услугите за 12,5 отсто.

Аналитичарите и економистите очекуваа дека инфлацијата во декември ќе достигне 16 до 17 отсто, а се согласуваат дека на нејзино намалување првенствено влијаело поевтинувањето поради државната помош, односно поставувањето на горна граница за цените на струјата и бензинот.