Инфлацијата во еврозоната не стивнува и во октомври повторно го собори рекордот. Потрошувачките цени пораснале за 10,6 отсто за 12 месеци, објави во четвртокот Евростат, статистичката агенција на Европската унија.
Инфлацијата не беше толку силна од воведувањето на заедничката европска валута во 1999 година. Во исто време, Евростат ја коригира прелиминарната проценка надолу за 0,1 отсто.
Инфлацијата сè уште е главно поттикната од цените на енергијата, кои се зголемија за 41,5 отсто од октомври 2021 година. Нагло пораснаа и цените на храната, од 11,8 отсто во септември на 13,1 отсто во октомври, а значително поскапеа и индустриските производи.
Базичната инфлација, без производите чии цени подлежат на големи промени, како што се енергијата и храната, скокна од 4,8 на 5 отсто. Економистите ја гледаат оваа стапка како клучен показател за долгорочните трендови на цените.
Но, стапката на раст на цените е различна за земјите од еврозоната: таа е најсилна во балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, со повеќе од 20 проценти во секоја од нив.
На другиот крај на скалата се Франција, Шпанија и Малта со октомвриска инфлација под осум проценти. Со своите 11,6 отсто, според европската методологија, Германија е некаде во просекот.
Целта на Европската централна банка (ЕЦБ) да ја држи инфлацијата под контрола на два отсто одамна е прекршена. По извесно двоумење, ЕЦБ значително ја зголеми референтната каматна стапка.
Повисоките каматни стапки го ладат производството, платите и побарувачката, а со тоа и инфлацијата.
Сепак, останува отворено прашање дали ЕЦБ ќе продолжи да ја зголемува каматната стапка, бидејќи финансиските пазари сметаат дека претстои рецесија и дека европските економии не треба да го стегаат ременот бидејќи имаат доволно парализирачки проблеми поради војната во Украина.











