Инфлацијата во еврозоната значително забавува

72

Годишната инфлација во еврозоната во декември минатата година забави на 9,2 отсто во однос на претходниот месец кога изнесуваше 10,1 отсто, покажуваат  објавените проценки на Евростат.

Секој месец, Евростат објавува проценки за трендовите на инфлација во еврозоната. Во петокот беа објавени проценки за 19 членки на еврозоната, колку што имаше до крајот на декември минатата година, а следниот месец ќе биде вклучена и Хрватска, која стана членка на еврозоната на 1 јануари 2023 година.

Главни двигатели на инфлацијата во еврозоната и натаму се високите цени на енергијата, за 25,7 отсто повисоки од декември 2021 година, додека во ноември минатата година беа повисоки за 34,9 отсто. Следат храната, алкохолот и тутунот, каде цените се за 13,8 отсто повисоки од претходната година, што е благ пораст во однос на ноември 2022 година, кога цените беа повисоки за 13,6 отсто.

Неенергетските индустриски производи поскапеа за 6,4 отсто, што е за 0,3 процентни поени повеќе од еден месец претходно, а услугите за 4,4 отсто, или 0,2 процентни поени повеќе од ноември.

Меѓу земјите кои го користат еврото, според првите проценки на Евростат, највисока годишна инфлација во декември е забележана во Летонија, каде што изнесувала 20,7 отсто, откако во октомври и ноември била 21,7 отсто. Следува Литванија, каде растот на потрошувачките цени на годишна основа изнесува 20 отсто (21,4 отсто во ноември).

Најниска годишна стапка на инфлација е забележана во Шпанија, каде според првите проценки таа изнесува 5,6 отсто (6,7 отсто во ноември), а по неа е Луксембург со инфлација од 6,2 отсто (7,3 отсто во ноември).