Инфлацијата во Германија на највисоко ниво во последните 27 години

60

Потрошувачките цени во Германија во јули се зголемија најмногу во последните 27 години, објави Дестатис, посочувајќи на зголемените цени на енергијата, но и ниската споредбена основа од минатата година, кога стапката на ДДВ беше привремено намалена поради пандемијата.
Цените скокнаа за 3,8 % минатиот месец во споредба со јули 2020 година, што е нивниот најголем пораст од крајот на 1993 година, објави статистичката служба. Порастот во јуни изнесуваше 2,3 %.

Поради привремено намалување на стапката на ДДВ, цените нагло опаднаа во јули минатата година, што оваа година, по повеќекратното зголемување на данокот на додадена вредност, резултираше со повисоки цени на многу стоки и услуги и со тоа повисока стапка на инфлација, објаснува Евростат.

“Силниот ефект на ниската споредбена база во јули 2021 година беше очекуван бидејќи таргетирањето на даночните олеснувања врз потрошувачите пред една година ги намали цените на голем број стоки“, се вели во извештајот на статистичката служба.

“Дополнителен фактор во скокот на инфлацијата минатиот месец беше порастот на цените на енергијата“, изјави Кристоф-Мартин Маи, шеф на одделот за потрошувачки цени на Дестатис.

Во такви услови, цените на транспортот најмногу пораснаа во јули, за 9,8 %, а потоа следуваат облеката и обувките, чии цени се зголемија за пет проценти.

Цените на храната, исто така, значително пораснаа, за 4,3 % во споредба со јули минатата година.

Исклучувајќи ги флуктуациите во цената на енергијата, инфлацијата изнесуваше 2,9 %. Без енергија и храна, изнесуваше 2,7 %.

На месечно ниво, цените се зголемија за 0,9 % во јули.

Мерено според усогласениот индекс на потрошувачки цени (HICP), користен за споредба на инфлацијата во земјите од ЕУ, цените во Германија се зголемија за 3,1 отсто во јули во споредба со истиот месец минатата година. Споредено со јуни, тие се зголемени за 0,5 проценти.

Фото: Pexels