
Годишната стапка на инфлација во Германија неочекувано падна на два проценти во јуни, при што најголемата економија во Европа ја достигна целта на Европската централна банка, покажаа прелиминарните податоци од статистичката служба Дестатис.
Аналитичарите анкетирани од Ројтерс очекуваа годишна стапка од 2,2 проценти.
Тие податоци се усогласени со методологијата на Еврозоната, пишува CNBC, што овозможува директна споредба со други земји што користат единствена валута.
На други места во Европа, податоците за инфлацијата во јуни покажаа мало зголемување на хармонизирана стапка во Франција и Шпанија и стагнација во Италија.
Франциска Палмас, виш економист за Европа во „Капитал економикс“, изјави дека најновите податоци за инфлацијата ќе ја задоволат Европската централна банка, за која се очекува повторно да ги намали каматните стапки во овој циклус.
„Севкупно, податоците дополнително потврдуваат дека инфлацијата во еврозоната се врати одржливо на целното ниво. Доколку нема нов нагло зголемување на цените на енергијата, очекуваме просечната стапка на инфлација да биде два проценти оваа година, а ЕЦБ повторно ќе ја намали каматната стапка на депозитите на 1,75 проценти во септември“, истакна Палмас.
Податоците за инфлацијата во еврозоната ќе бидат објавени во вторник, а аналитичарите анкетирани од Ројтерс очекуваат дека главната стапка за јуни ќе биде два проценти.











