Германската инфлација се искачи на неочекувано високи 2,9 отсто во декември, објави германската канцеларија за статистика Дестатис во своето прво читање по распуштањето на владата на крајот на минатиот месец.
Усогласениот индекс на потрошувачките цени, пишува CNBC, е повисок за 0,7 отсто на месечно ниво.
Декември беше трет последователен месец во кој инфлацијата во Германија повторно беше над целта на Европската централна банка од два отсто. Индикаторот падна на 1,8 во септември, а потоа се зголеми на 2,4 отсто во октомври и остана непроменет на тоа ниво во ноември.
Таканаречената базична инфлација, која ги исклучува трошоците за храна и енергија, во декември незначително се зголеми на 3,1 од три отсто во претходниот месец.
Незначително порасна и инфлацијата во услужниот сектор, достигнувајќи 4,1 отсто во споредба со четири отсто во ноември, соопшти Заводот за статистика.
Карстен Брзески, глобален шеф за макроекономија во ИНГ, во понеделникот рече дека податоците покажуваат дека „летните прослави на успешната кампања против инфлацијата беа прерано“.
Понеповолните ефекти на енергетската база веројатно беа главниот двигател на повторното забрзување на инфлацијата во Германија, посочи тој.
„Се чини дека ќе продолжи опстојувањето на инфлацијата на нешто превисоко ниво, бидејќи поволните основни ефекти од енергијата постепено ќе исчезнат, додека платите растат“, смета Брзески.