Инфлацијата во Германија во октомври на највисоко ниво во последните 28 години

87

Инфлацијата во Германија го достигна највисокото ниво во последните 28 години во октомври, поттикната од растот на цените на енергијата и ниската компаративна основа во 2020 година, кога ДДВ за некои производи беше привремено намален, објави Заводот за статистика.

Потрошувачките цени во Германија во октомври биле за 4,5 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година, потврди во четвртокот „Дестатис“.

Ова е највисока стапка на инфлација од август 1993 година, кога изнесуваше 4,6 отсто.

Во септември годинава цените пораснале за 4,1 отсто на годишно ниво.

Инфлацијата со месеци е поттикната од силниот раст на цените на енергенсите, кои во октомври беа за 18,6 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, покажаа официјалните податоци. Цените на нафтата за греење се двојно повисоки од октомври 2020 година.

Без енергенсите, цените во октомври пораснале за 3,1 отсто во однос на истиот месец лани.

„Дестатис“, исто така, ја издвојува ниската споредбена база во втората половина на 2020 година, кога владата привремено ја намали стапката на ДДВ за поддршка на трошењето во пандемиската криза и проблемите со набавките.