Инфлацијата во Германија забави во декември

74

Инфлацијата во Германија значително забави во декември, се лизна на 8,6 отсто, благодарение на многу поблагиот пораст на цените на енергијата, според прелиминарната проценка на заводот за статистика Дестатис во вторникот.
Така, годишната стапка на инфлација во најголемата европска економија во декември падна на едноцифрена, од 10 отсто во ноември. Во октомври таа изнесуваше 10,4 отсто.

Извештајот исто така покажа дека во однос на ноември, потрошувачките цени во декември паднале за 0,8 отсто, покажуваат прелиминарните податоци на Дестатис.

Побавниот раст на цените во декември на годишна основа е одраз на поблаг раст на цените на енергијата и храната, покажуваат табелите на заводот за статистика.

Енергијата за домаќинствата и моторните горива во декември поскапеа за 24,4 отсто во однос на истиот месец од претходната година, откако во ноември пораснаа за 38,7 отсто.

Храната ги чинела граѓаните за 20,7 отсто повеќе во декември во однос на истиот месец од претходната година, покажува прелиминарниот извештај на Дестатис, по речиси истиот процентуален пораст во ноември.

Едноцифрена годишна стапка на инфлација од 9,6 отсто покажаа и прелиминарните податоци за хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој овозможува споредување меѓу членките на ЕУ, откако во ноември достигна 11,3 отсто.

На месечна основа, според HIPC, цените паднале за 1,2 отсто, покажуваат прелиминарните податоци.

Инфлацијата во 2022 година е највисока од 1990 година

Во цела минатата година, инфлацијата во Германија во просек изнесуваше 7,9 отсто, што е нејзино највисоко ниво од обединувањето во 1990 година, според прелиминарната проценка на Дестатис.