Инфлацијата во САД благо забави на почетокот на годината

11

Годишната инфлација во САД само благо забави во јануари, покажаа денеска владините податоци, што сигнализира запирање на трендот на забележително забавување на растот на цените од есента минатата година. Годишната стапка на инфлација падна на 6,4 отсто во јануари, што е најниско ниво од октомври 2021 година, покажуваат сезонски приспособените податоци на Министерството за труд.

Во декември минатата година таа изнесуваше 6,5 отсто, во ноември 7,1 отсто, а во октомври 7,7 отсто. На својот врв беше во јуни минатата година, кога достигна 9,1 отсто, што е највисоко ниво од ноември 1981 година.

Базичната инфлација, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, благо ослабе во јануари на 5,6 отсто, што е најниско ниво од декември 2021 година, се вели во соопштението на Министерството. Во декември таа изнесуваше 5,7 отсто.

На месечна основа, сезонски прилагодените цени во јануари пораснаа за 0,5 отсто, по растот од 0,1 отсто во декември, покажуваат ревидираните податоци. Првата проценка за декември покажа пад на потрошувачките цени во однос на ноември за 0,1 отсто.

Кога се исклучени енергијата и храната, месечната инфлација во јануари е 0,4 отсто како и во претходниот месец, покажуваат табелите на Министерството. На месечно ниво, гасот поскапел најмногу, за 6,7 отсто, речиси двојно повеќе од декември.

Следува бензинот кој поскапел за 2,4 отсто во однос на декември кога поевтини за седум отсто.

Најмногу поскапеа нафтата за греење и гасот

Така, енергенсите беа за два отсто поскапи од декември, кога цената им падна за 3,1 отсто. Цените на мазутот паднаа за 1,2 отсто, по речиси 17 отсто пад во претходниот месец. Цените на становите се зголемија за 0,7 отсто, речиси со исто темпо како и во декември. Позначителни промени нема ниту кај стапката на раст на цените на храната, кои пораснаа за 0,4 отсто, покажуваат табелите на министерството.

За споредба, пак, со првиот месец од минатата година храната поскапела за 11,3 отсто, а енергијата за 8,7 отсто. Цената на бензините е за 1,5 отсто повисока од јануари лани, а струјата за речиси 12 отсто.

На годишно ниво најмногу поскапеа нафтата за греење и гасот, за речиси 28, односно 27 отсто. Потоа следуваат транспортните трошоци, кои скокнале за речиси 15 отсто во однос на јануари 2022. Значително пораснале и цените на становите, за речиси осум отсто во однос на јануари минатата година.

Од клучните компоненти на индексот на потрошувачки цени, поевтиниле само половните автомобили и камионите, за речиси 12 отсто во однос на јануари лани, покажува табелата на министерството.

Фото: Pixabay