Инфлацијата во САД забави и во декември

76

Инфлацијата во САД забави и во декември, како одраз на благ пад на цените на горивото, покажаа владините податоци во четвртокот.

Годишната стапка на инфлација падна на 6,5 отсто во декември, што е најниско ниво од октомври 2021 година, објави Министерството за труд.

Во ноември беше 7,1 отсто, а во октомври 7,7 отсто.

Таа беше на својот врв во јуни минатата година, кога достигна 9,1 отсто, што сигнализира најголем пораст на цените од ноември 1981 година.

Ако се исклучат цените на храната и енергијата, инфлацијата во декември изнесува 5,7 отсто и е послаба за 0,3 процентни поени во однос на ноември.

На месечна основа, цените паднаа во декември, за прв пат од мај 2020 година и врвот на првиот бран на инфекцијата со Ковид 19, за 0,1 отсто. Во ноември забележаа ист процентуален раст.

Ублажувањето на инфлацијата на крајот на минатата година е одраз на падот на цените на горивата, за 0,8 отсто во однос на истиот месец во 2021 година. Во ноември поскапеле за 10,8 отсто.

Цените на храната се зголемија за 11,8 отсто, речиси со исто темпо како и во ноември. Од друга страна, поскапувањето на струјата благо се намали, од 14,3 на 13,7 отсто.

Растот на цените на бензинот значително забави, од 19,3 на 15,5 отсто.

Трошоците за домување беа за 7,5 отсто повисоки отколку во декември 2021 година и нивниот раст беше малку посилен од ноември.

На месечно ниво најмногу поевтини мазутот, за 16,6 отсто, а бензините драстично паднаа за 9,4 отсто во однос на ноември.

Сепак, растот на цените на храната благо забави, од 0,5 на 0,3 отсто.

Повторно поскапеа гасот и струјата, за три, односно еден отсто. Во ноември нивната цена падна за 3,5, односно 0,2 отсто на месечно ниво.

Кога се исклучени цените на храната и енергијата, потрошувачките цени во декември беа за 0,3 отсто повисоки во однос на ноември, кога забележаа речиси ист процентуален раст.

Ценовните притисоци се намалуваат поради намалената побарувачка поради најострото зголемување на клучните каматни стапки од 1980-тите и олеснувањето на проблемите во синџирите на снабдување.

Минатата година ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за 4,25 процентни поени, од речиси нула на 4,25 до 4,50 отсто, што е највисоко ниво од крајот на 2007 година. На состанокот во декември, таа предвиде дека ќе ги зголеми до крајот на оваа година за уште најмалку три четвртини од процентен поен.