Инфлацијата во светот расте – забележана инфлација од 284,40 отсто

59

Највисока инфлација од 284,40 отсто е забележана во Венецуела во март, потоа Либан со 208,13 и Турција со 61,14 отсто, објави порталот Трендинг Економикс.

Состојбата со недостигот на енергенси на светско ниво, кој настана како резултат на војната во Украина, забраната за увоз на енергенси од Русија, но и прекинот на извозот од Русија во земјите ширум светот, придонесе за остри скокови на инфлацијата во многу земји.

Минатата недела Волстрит журнал наведе дека инфлацијата во Русија би можела да надмине 20 отсто, додека во 2023 година се очекува да порасне за уште шест отсто.

Податоците на Трендинг Економикс покажуваат дека инфлацијата во март била најниска во Боливија, само 0,77 отсто, потоа Макао 1,07 отсто и Кина 1,50 отсто.

Во земјите од регионот, Македонија со 8,8 отсто во март беше подобра од Босна и Херцеговина (10,2), Бугарија (12,4) и Романија (10,15). Србија забележа инфлација од 9,1 отсто, а Црна Гора 9,7 отсто.
Пониска инфлација од Македонија има во Албанија 5,7 отсто,  додека во Хрватска  изнесува 7,3 отсто.